Мислења

Можна ли е голема Русија?

Јозеф Нај

На сите ни е во интерес да се случат руските реформи

Во педесеттите години многу Американци стравуваа дека Советскиот Сојуз ќе ги надмине САД како водечка сила во светот. Советскиот Сојуз се протегаше на најголема територија во светот, беше трет според бројност на население, и втора најголема економија, и произведуваше повеќе нафта и гас отколку Саудиска Арабија. Освен тоа, СССР поседуваше речиси половина од нуклеарното оружје во светот, имаше повеќе војници под оружје отколку САД и имаше најголем број вработени во секторите за истражување и развој. Тој активираше хидрогенска бомба во 1952 година, само една година по САД и беше првата сила која лансираше сателит во вселената во 1957 година

Во смисла на мека моќ, комунистичката идеологија беше атрактивна во Европа по Втората светска војна, што се должеше на нејзините антифашистички квалификации и во Третиот свет поради неговата идентификација со народните движења за национална независност. Советската пропаганда активно го негуваше митот за неизбежноста на триумфот на комунизмот.

Познато е дека Никита Хрушчов во 1959 година се фалеше дека Советскиот Сојуз ќе ги престигне САД до 1970, најдоцна до 1980 година. Веќе во 1976 година Леонид Брежнев му кажа на францускиот претседател дека комунизмот ќе доминира низ светот до 1995 година. Таквите предвидувања беа поддржани од пријавените годишни економски стапки на раст од 5-6 отсто и зголемувањето на уделот на СССР во глобалното производство од 11 на 12,3 отсто во периодот меѓу 1950 и 1970 година. Меѓутоа, потоа, стапката на раст во СССР и уделот во глобалното производство го почнаа долгиот пад. Во 1986 година Михаил Горбачов ја опиша советската економија како „многу растроена. Заостануваме во сите индикатори“. Една година подоцна, министерот за надворешни работи, Едуард Шеварнаѕе, им кажа на своите официјални претставници „вие и јас сме претстави на голема земја која во изминативе 15 години се' повеќе и повеќе ја губи својата позиција како една од водечките индустриски развиени држави“.

Она што изненадува гледано наназад е колку многу неточни беа процените на Запад за силата на Советскиот Сојуз. Во доцните седумдесетти години „Комитетот на претседателот Опасност“ тврдеше дека силата на Советскиот Сојуз ја надминува онаа на САД, а во осумдесеттите години американските избори ги рефлектираа таквите стравувања. Сепак, во 1991 година се распадна СССР. Крајот на Советскиот Сојуз ја остави Русија со значително намалена во територија (76 отсто од СССР), демографски (50 отсто од вкупното население на СССР), економски (45 отсто од производството на СССР) и во смисла на воен персонал (33 отсто од вооружените сили на СССР). Покрај тоа, меката моќ на комунистичката идеологија практично исчезна. Сепак, Русија има речиси 5.000 распоредени нуклеарни оружја и над еден милион вооружени сили, иако нејзиниот воен расход беше само 4 отсто од вкупниот светски (во споредба со 40 отсто на САД), а капацитетот да проектира моќ глобално значително се намали.

Во економски ресурси, руските 2,3 билиони долари БДП беа 14 отсто од оној на САД по промената на системот, а нејзините 16.000 долари приход по глава на жител (мерено во смисла на паритет на куповната моќ) изнесуваше околу 33 отсто од оној на САД. Нејзината економија беше сериозно зависна од приходите од нафта и гас, каде што високотехнолошките средства претставуваа само 7 отсто од извозот (во споредба со 28 отсто за САД). Во смисла на меката моќ - и покрај атрактивноста на традиционалната руска култура, Русија има мало глобално присуство. Според зборовите на рускиот аналитичар Сергеј Караганов, Русија треба да употреби „тврда сила, вклучувајќи и воена, оти опстојува во многу поопасен свет и нема зад кого да се крие и бидејќи има малку мека моќ - тоа е социјална, културна, политичка и економска атрактивност“. Русија повеќе не е попречувана од комунистичката идеологија и обемниот централен систем на планирање, а веројатноста од етничко делење, иако се' уште е закана - опаѓа. Со оглед на фактот дека етничките Руси сочинуваа само 50 отсто од населението на Советскиот Сојуз, тие сега сочинуваат 81 отсто од населението на Руската Федерација.

Политичките институции потребни за ефикасна пазарна економија во голема мера не постојат, а корупцијата е огромна. Рускиот капитализам стекнат на недозволен начин има недостиг од еден вид ефикасна регулатива што креира доверба во пазарните односи. Јавниот здравствен систем е во хаос, стапката на морталитет бележи раст, а стапката на наталитет се намалува. Просечниот руски маж умира на 59-годишна возраст, неверојатно ниска возраст за напредна економија. Процените на демографите од ООН сугерираат дека населението на Русија би можело да се намали од 145 милиони денес, на 121 милион до средината на веков.

Можни се многу сценарија за иднината на Русија. Според едното од нив, некои ја гледаат Русија како индустријализирана банана-република, чиишто корумпирани институции и непремостливи демографски и здравствени проблеми неизбежно ќе донесат до пад. Други, пак, велат дека реформите и модернизацијата ќе и' овозможат на Русија да ги совлада своите проблеми и дека нејзиното раководство се движи во таа насока. Кон крајот на 2009 година, претседателот Дмитриј Медведев упати апел Русија да ја модернизира својата економија, да се дистанцира од понижувачката зависност од природни ресурси и да се ослободи од ставовите од советски стил дека, како што рече, и' попречуваат во нејзините намери да остане светска сила. Меѓутоа, како што изјави Катинка Бариш од Центарот за европски реформи, концептот на руските лидери за модернизација е премногу статичен, особено поради тоа што е многу лоша функцијата на јавните институции. „Една иновативна економија има потреба од отворени пазари, ризичен капитал, слободоумни претприемачи, брзи судови надлежни за случаи на банкрот и солидна заштита на интелектуалната сопственост“, додава таа. Наместо ова, има „широко распространети монополи, сеприсутна корупција, задушливи државни интервенции, слаби и контрадикторни закони“.

Дисфункционалната влада и сеприсутната корупција ја отежнуваат модернизацијата. Петер Авен, претседател на Алфа банка, тврди дека „економски, таа се' повеќе изгледа како Советскиот Сојуз. Постои огромна зависност од нафтата, потребата за капитал, потребата за сериозни реформи, додека социјалниот товар е многу силен. Стагнацијата е главна закана“. Рускиот економист е категоричен дека „нема консензус за модернизација“.

Без разлика на исходот, поради нејзината останата нуклеарна сила, нејзиниот голем човечки капитал, нејзината вештина во сајбер-технологијата, и нејзината локација и во Европа и во Азија, Русија ќе има ресурси да предизвика големи проблеми или да направи големи придонеси во глобализираниот свет. На сите ни е во интерес да се случат руските реформи.

(Авторот е поранешен американски заменик-секретар за одбрана, а сега професор на Харвард и автор на книгата „Иднината на моќта“. Тој пишува за „Проект синдикејт“. „Утрински весник“ е дел од мрежата на „Проект синдикејт“.)


#