Огорчените гласачи раскрстија со политичарите

Неопределените долго време водат на сите топ-листи за популарноста на партиите

Александра М. Митевска

Огорченост или апатија на гласачите, презаситеност од политика или политичко созревање, страв јавно да се заземе став, расчекор меѓу партиските политики и суштинските проблеми на граѓаните, сиромашна политичка понуда... Што се крие зад бројките во анкетите, кои укажуваат дека мнозинството македонски граѓани се неопределени, односно дека не знаат за кого би гласале или дека не би гласале за ниту една партија?

За некои аналитичари, тоа е аларм за можен тивок бојкот на следните избори, за игнорирање на забревтаните партиски машинерии, чија главна преокупација е како да се оцрни политичкиот противник. Други, пак, сметаат дека граѓаните изгубија надеж оти политичарите може да им го подобрат животот, па паралелно со зголемувањето на процентот на неопределени, се намалува критичната маса, така што и ретките штрајкови и протести, главно, се поттикнуваат од партиските централи.

Неопределените гласачи долго време водат на сите топ-листи за популарноста на партиите и политичарите. Нивната доминација не ја крие ниту институтот „Павел Шатев“, близок до владејачката десница. Во последната анкета на овој Институт безмалку 42 процента од испитаниците се изјасниле дека немаат доверба во ниту еден политичар, додека 30,5 отсто рекле дека не би поддржале ниту една партија, а 26,4 проценти не одговориле како би гласале кога утре би имало избори. На ваков тренд укажаа и двете септемвриски анкети - на ИРИ и на весникот „Дневник“, од каде што потенцираа дека особено се зголемува процентот на неопределени во албанскиот електорат.

Социологот Нелко Стојановски вели дека големиот процент неопределени гласачи укажува на демотивираност на гласачкото тело, но е и резултат на страв од јавно искажан збор поради опасност од политички притисоци и санкции. Затоа, коментира овој универзитетски професор, резултатите од анкетите повеќе и' служат на дневната политика отколку на вистината. „Дел од граѓаните, кои во анкетите одбиваат да се изјаснат за кого би гласале, сепак, излегуваат на избори, бидејќи гласањето е тајно. Дел од граѓаните, пак, чии очекувања се изневерени, најчесто гласаат за другата политичка опција, не поради тоа што веруваат оти нешто ќе се смени, туку за да ја казнат политиката што не ги исполнила ветувањата“, објаснува Стојановски.

Никола Спасов од агенцијата „Рејтинг“ објаснува дека во Македонија повеќе години владее политичка апатија, особено меѓу Македонците, но дека во последно време тој тренд ги зафаќа и гласачите Албанци, веројатно, поради нивното незадоволство од политичката понуда. „Главна причина за политичката пасивност е тоа што не се решаваат основните проблеми на граѓаните, без разлика која политичка гарнитура е на власт. Тоа е цел еден процес и се' додека во државата има слаба економска состојба, меѓу граѓаните ќе расте незадоволството од партиите“, вели Спасов. Сепак, тој додава дека и покрај големиот процент неопределени гласачи во анкетите, не треба да се очекува драматичен пад на одѕивот на следните избори или, пак, некоја повпечатлива промена во споредба со рејтингот на партиите во сондажите. „Ва Македонија одѕивот на гласачите обично се движи околу 60 проценти, при што гласовите на неопределените најчесто се распоредуваат пропорционално со рејтинзите што политичките партии ги имале пред денот на гласањето.

Експертите посочуваат и дека треба да се прави разлика меѓу избирачите, кои во анкетите се изјаснуваат дека не поддржуваат ниту една партија или политичар и оние што не знаат или не кажуваат како би гласале. Гласачите од првата категорија, според толкувањата, чувствуваат одбивност кон политиката и изборите, а вторите неопределени. Граѓаните што се аполитични или разочарани од политиката, кои не веруваат во ��емократските процедури или се убедени дека нивниот глас нема да смени нешто, најверојатно, нема да излезат на гласачките места. Затоа, пак, предизборните кампањи би можеле да претставуваат поттик за дел од неопределените да излезат да гласаат, ако тој ден не се преокупирани со нешто друго. Партиските кампањи, според експертите, главно, се насочени кон привлекување на неопределените гласачи и зацврстување на ставот на веќе определените.


#