Електронските апарати во приватните автобуси намерно се исклучуваат

Патниците, иако имаат електронски картички, мораат да платат за превозот со готови пари

Снежана Калабакова


Електронската наплата во автобусите кај приватните превозници наместо олеснување, им создаде проблем на граѓаните. Откако купија електронски картички, давајќи поголема сума пари за нив, сега неизвесно е дали ќе можат да ги користат или повторно ќе мораат за превозот да платат со готовина. Од моментот кога ќе застанат на постојка не знаат дали ќе им дојде автобус на „Слобода превоз“ или на „Макекспрес“, а двете претпријатија имаат различни електронски апарати и различни картички. Нивна патничка вели дека не само што не знае која од картичките да ја подготви, туку не е сигурна и дали ќе може да го плати превозот со неа.

Во последно време и многу често возачите со изговор дека електронските апарати им се расипани бараат да плати со пари. Некои се оправдуваат дека нема сервис за апаратите и не мислат да ги поправаат, па им порачуваат на патниците дека најдобро е да си ги вратат електронските картички таму од каде што ги купиле за да им ги вратат парите. Оние што наишле на вакви примери, а ги има повеќе, би требало да ги пријават броевите на автобусите во матичните претпријатија, возачите и терминот во кој се возеле со нив.

Раководните структури на приватните велат дека имаат сознанија за вакви примери и објаснуваат дека во прашање е самоволие на возачите, кои преферираат готови пари. Тврдат дека не станува збор за расипани електронски уреди, ниту за немање сервисери за нив. Напротив, велат дека апаратите функционираат беспрекорно, а граѓаните што ќе имаат вакви инциденти задолжително да ги пријават. Против возачите што ќе бидат посочени ќе бидат преземени дисциплински мерки, како што се укор, одземање напатен налог за една седмица или еден месец. Најстрога дисциплинска мерка може да биде и негово исклучување од претпријатието.

„Имавме пријава на возач на линијата број „22“, кој го исклучил електронскиот апарат, но не знаевме дека ова се случува и на други линии. Имаме продадено 1.000 картички и проблем со апаратите не смее да има. Всушност, УЈП бараше да се фискализираме и со овие електронски уреди токму тоа барање го реализиравме и се оддолживме кон државата.

Затоа и велам треба да се пријават возачите, кои како изговор пред патниците кажуваат дека апаратите не им работат. Вистина е и дека има и такви што не умеат да ракуваат со апаратите, па најлесно им е да кажат дека се расипани, вели Војо Велевски, еден од основачите на Макекспрес“.

Приватните се оправдуваат дека во врска со електронската наплата Градот извршил притисок врз нив, а тие се истрчале пред да се опреми со електронски апарати и ЈСП, па токму затоа во знак на револт некои од возачите одбиваат да ги користат електронските уреди. Но, евидентно е дека во нерешените проблеми со електронската наплата жртви се граѓаните. Принудно им се земаат пари од џеб, бидејќи ако за превоз ја искористат електронска картичка од неа им се одземаат само 21 денар, наместо 25 денари колку што мора да платат во готово.


#