Не сум под влијание на гангстерските рапери

Повеќе ги сакам интелигентните рап-музичари, вели популарниот рапер Тони Зен

Јасмина Митковска

„Се' е мисловна проекција, така и го живеам животот. Тоа што го проектираш во умот, тоа и се остварува“, вели популарниот рапер Тони Петковски, попознат како Тони Зен, неодамна награден и со признанието „Златна бубамара“ за најперспективен изведувач.

Неговиот прв професионален музички чекор се случи во 2003 година, кога ја оформи групата „Урбана димензија“, која во почетокот се состоеше од три члена, а сега работат само тој и диџеј Чваре. Тони Зен има желба „Урбана димензија“ да стане бренд, заштитен знак за хип-хоп. Вели дека инспирацијата за своите текстови ја црпи од секојдневјето, од она што му се случува и опкружува, особено Скопје. „Никогаш не измислувам, во моите текстови нема фикција, се' е реално. Она што го живеам, го пишувам, а тоа е рапот“, вели Зен.

На неговата музика најголемо влијание имаат „Д Рутс“, кои ги издвојува како многу иновативен и оригинален бенд, потоа Комон, Раким, Биг Деди Кеј, а од поновите ги посочува Кани Вест, Лупе Фијаско. Тони објаснува дека не е под влијание на гангстерските рапери, како што се 50 Сент и Џи Јунит. „Ги почитувам многу, ги пуштам на забавите, ги сакам песните, но не се гледам со таков живот, па затоа повеќе ги сакам интелигентните рапери што го почитуваат совесниот рап“.

Тони зад себе има два албума - „Стиховна агенда“, кој беше издаден во декември 2005 година, и „Слушај“, кој својата премиера ја доживеа во почетокот на оваа година. Како свои фаворити ги издвојува песните „Миа каса су каса“, „Дали сакаш“, која е изработена со рап-групата „Единствена опција“, и „На врвот“.

Зен се' почесто може да се сретне во комбинација со некој друг изведувач. „Подготвен сум да ризикувам, да експериментирам, тоа не е мој стил, меѓутоа на некој начин мора да се прави затоа што, едноставно, тоа е шоу-бизнис. Станува збор за експерименти, но нема да престанам со вистинскиот рап и соло-песни за моја душа“.

На прашањето дали има хип-хоп сцена и публика во Македонија, Тони вели дека кај нас има квалитетни рапери, луѓе кои навистина го познаваат рапот. „Проблемот со публиката отсекогаш бил во тоа што е поделена. Како народ, како нација сме малку, а во Скопје на прсти можат да се избројат оние што се вистински љубители на добар и квалитетен рап и што знаат што е добра музика и добар рап, имаат проширени хоризонти и не се ограничени. А публика како рапери има многу, сега во шема е да си рапер и во шема е да излезеш на рап и РНБ-забава, едноставно, тоа е хит“, објаснува Зен.

Тони ги гледа раперите како квалитетни и неквалитетни, реални и нереални. Се води од тоа дека ако не му се допаѓа некој рапер, невкусната реакција не доаѓа предвид. Не се грижи за тоа што мислат другите, како го нарекуваат, дали се продал и искомерцијализирал. „Тоа не ме оптоварува воопшто, зашто ако беше така, немаше да имам никаков излез. А за таа групација што мрази и озборува, која ја нарекувам хејтери - таа може да се пронајде во моите песни“.

Тони признава дека дури сега открил дека навистина има голема публика која, главно, се состои од тинејџери и малку помали од нив. „Тие се најверната и најискрена публика. Не се грижат со кого си излегол и што си правел, едноставно, те следат тебе, тоа што го правиш во музиката, ја чувствуваат, ја пеат, едвај чекаат да се појавиш“.

Прекарот на Тони Зен доаѓа од филозофијата зен, која значи едноставност и смиреност. Тој вели дека понекогаш му е напорно да се справи со сите обврски кои ги има, но, сепак, наоѓа време. „Едноставно, така направив да ми тече животот откако се откажав од факултет и спортот (кошарката). Оттогаш решив да работам со музиката и фитнесот, не можам без вежбање, без физичка активност“.

Во моменти кога е презаситен со хип-хоп, слуша компилации „Кафе дел Мар“, босанова, па и Лени Кравиц, чилаут електронска музика и многу фанк и соул. Моментно работи на соработката со поп-пејачката Дејана Николовска, а открива и дека тој и Слаткар од рап-групата „Единствена опција“ ќе бидат годинешни учесници на детскиот фестивал „Суперѕвезда“. Планира да сними видеозаписи за уште најмалку три песни од новиот албум (прва ќе биде „Ми каса су каса“), а паралелно работи и на материјалот за нов албум.