Во Скопје ќе се гради хотел „Мериот“
„Првиот хотел од брендот ’Мериот‘ на Балканот ќе се изгради во Скопје“, објави вчера една од најпознатите светски хотелиерски компании. Хотелот ќе се гради во непосредна близина на плоштадот „Македонија“, до зградата на Еуростандард банка, а инвестицијата ќе изнесува околу 37 милиони евра. Хотелот ќе има 180 соби, а изградбата се очекува да биде завршена во 2013 година.
Партнер на „Мериот“ во Македонија е „Дивелоп груп“, компанија која на пошироката јавност стана позната по инвестирањето во „Сити галери“ (поранешната Стоковна куќа „Скопје“) и објектот што се гради покрај Камениот мост во Скопје, на местото на некогашна Народна банка. Денес, договорот за изградба на првиот хотел „Мериот“ во Македонија ќе го потпишат генералниот директор на „Дивелоп груп“, Александар Ивановски, и главниот директор за развој за Европа на хотелите „Мериот“, Ервин К. Карлтон. Ова ќе биде првиот брендиран хотел во Скопје интернационално управуван. (Д.Р.) |