Едиторијал
Војна и мир во Владата
Соња Крамарска Енциклопедија „македоника“ би можеле да се наречат најновите политички одгласи на првата македонска енциклопедија која се уште ја бранува јавноста. Очекувано, полемиките се пренесоа во Владата каде што, по се' изгледа, се' почнува и завршува на овие простори. Главниот полемичар е водечката партија на Албанците ДУИ, но како и досега, одлучи радикалните ставови да ги соопшти од Тирана, а помеките да му ги шепка на увце на премиерот Никола Груевски.
Така, Ахмети за домашниот политички пазар (интервју за Радио Слободна Европа) тврди дека не располагаат со сознанија дали енциклопедијата е по нарачка и оттука не можат да осудат некого без факти. И не само тоа туку
изјавува и дека како политичка партија не смеат да долеваат бензин на запалениот оган. Како круна на се' е неговата оцена, дека државата (Македонија) добро реагира кога се во прашање меѓуетничките односи а оцените дека ДУИ е „пасивен учесник во Владата“ Ахмети ги нарекува „инсинуации“.
Несомнено дека таквите оцени и пораки на лидерот на ДУИ внесуваат спокојство кај премиерот и шеф на Владата, Груевски, кој многу пати досега ја има тестирано лојалноста на албанскиот коалициски партнер. ДУИ секогаш успешно го поминуваше тестот.
Но, најсилната албанска партија во Македонија очигледно има и други клиенти, кои не се дома туку се надвор од државата. За нив песната што ја пее ДУИ е со малку повисоки тонови и со значително изменет текст. Дури и повеќе отколку што се искривени фактите за Албанците во првата македонска енциклопедија. За поширокиот политички пазар (интервју за Топ чанел) чиј центар е Тирана, Али Ахмети вели оти не сака да верува дека зад енциклопедијата стојат владини и државни институции. Енциклопедијата тој ја нарече и „акт што повикува на војна“ и „ниска провокација од Македонците на кои им припаѓа и Груевски“.
Политичката атмосфера во Владата очигледно е во стилот на војна и мир. Некои сметаат дека гневот на Албанците кон енциклопедијата (ќе) ја стави коалицијата на ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ на најголемо досега искушение. Но во однесувањето на Али Ахмети нема индиции дека ДУИ ќе ја разниша владината коалиција. Неуверливо звучат и тврдењата на неговата десна рака Теута Арифи во нејзината вчерашна колумна дека енциклопедијата е плод на погрешната политика во последните три години. Само оваа реченица е доволна за да се сфати дека ДУИ како партнер во Владата што ја води таа политика, се чувствува маргинализирано и запоставено. Но, Али Ахмети таквите, нели, оцени ги нарекува инсинуации.
Како што е вообичаено, политичкиот менаџмент на ситуации како онаа што се создаде со енциклопедијата-потфрли. По многубројните прозивки премиерот Никола Груевски најпосле се огласи со коментар но во стилот на Али Ахмети. Неговиот настап е -„сакам да кажам но не знам како да го сторам тоа“. Случувањата околу енциклопедијата тој ги нарече продукт на „сили што сакаат да ја нарушат атмосферата во земјата“.
Со таквата изјава Груевски ниту ја смири ниту пак ја вжешти атмосферата. Всушност, тој покажа дека е рамнодушен кон овој случај и дека не го засегаат воинствените повици од Албанија за палење на македонското државно знаме или барањата јавно да се огради од наводите во енциклопедијата. Груевски мирно ја гледа разврската на овој најнов меѓуетнички судир и се однесува како да не го засегаат интересите на земјата.
Но, ќе биде опасно ако барањето до претседателот и премиерот да се оградат од енциклопедијата ги мобилизира и обедини сите политички партии на Албанците во Македонија. ДУИ засега не излегува на демонстрации против енциклопедијата но и не крие дека стои зад протестот на вонпарламентарните албански партии. ДУИ одлучи да дејствува во ракавици.
Јасно е дека ДУИ е гневна а премиерот е спокоен. Дали се работи за привидно спокојство или можеби за привиден гнев. Моќта на политиката ги н��дминува границите на човечкото разбирање. Или пак во прашање е моќта на власта.
|