18.09.2012, 13:01

Тачи заинтересиран за средба со Николиќ

Приштинската страна покажа заинтересираност за средба со српскиот претседател Томислав Николиќ, која би можела да биде договорена за време на седницата на Генералното собрание на Обединетите нации, што денеска почнува во Њујорк.

Во косовската Влада истакнуваат дека се заинтересирани да се сретне косовскиот премиер Хашим Тачи со Николиќ, но не ја отфрлаат можноста за средба и со премиерот Ивица Дачиќ, пишува денеска „Коха диторе“.

Весникот повикувајќи се на западни дипломатски извори, наведува дека по повод седницата на ГС на ОН, која на 24 септември ја организира американскиот претседател Барак Обама, би можело да дојде и до прва средба и ракување меѓу косовскиот и српскиот претседател Атифете Јахјага и Николиќ.

„Коха диторе“ потсетува и дека Србија ја отфрлила можноста за ракување меѓу Тачи и Николиќ.

Српскиот претседател објасни дека не може да се ракува со Тачи се додека не се утврди дали тој направил злосторства над Србите за време на судирот во Косово.