Мислења
Бев во право!
Филип Петровски
Идејата за сериозна десничарско центристичка - коалиција останува жива - таа и' е потребна на Македонија
Бев во право кога се конфронтирав со Љубе Бошкоски. Оти моја намера со самото влегување во ОМ беше да создадеме вистинска опозиција што би значела квалитетно конфронтирање со власта, со изнесување наши идеи и видувања. И, секако, да ја смениме. Воопшто не мислев дека некој таму планира да му биде приврзок на Бранко Црвенковски за да одигра улога на јазиче што би превагнало на тасот, во корист на СДСМ. Со самото влегување во партијата, во моменти кога Љубе се давеше во аферата со Јохан, кога на Интернет се гледаше неговиот исказ што подигна голема прашина, ние придонесовме партијата да застане на нозе. Внесовме кредибилитет и искуство во политичките работи, кое таму го немаше на потребно ниво. Затоа и започна забрзано етаблирање на партијата, што ветуваше дека можеме да се надеваме на резултат на наредните избори.
Меѓутоа, како што е познато, оваа власт располага со апарат, со силна инфраструктура, со брендот на ВМРО-ДПМНЕ, кој е втемелен силно во свеста на луѓето, што некои од нив, дури и ако се многу незадоволни, нема да гласаат за СДСМ. Дури можам да кажам дека во никој случај нема да гласаат за СДСМ. А власта го знае тоа. Можеби само затоа го држат Црвенковски цело време под вода, но, никако не дозволуваат тој да се удави. Кога ќе снема воздух, му дозволуваат да вдиши. За потоа пак да го вратат под вода. Тој за нив е одлична боксерска вреќа со петната што ги влече од времињата кога владеел со Македонија и кога не оставил некаков посериозен позитивен општествен белег. Ова не е нова состојба и трае неколку години. На сите им е веќе јасно дека Црвенковски е минато. Само тој не сака да се соочи со тоа и на тој начин им оди од рака на властите. Да имаат со кого да си спарингуваат.
Да се вратам на тоа што ние го правевме во ОМ. Знаејќи ја состојбата на политичката карта на Македонија и имајќи предвид дека левицата е во нокаут, сакавме да создадеме вистинска политичка структура што би била присутна подолг период. Прво беше потребно да се пласираме во парламентот, за потоа на некои наредни избори да станеме уште посилни, порелевантни, поуспешни. За да се постигне тоа, требаше да изнесуваме идеи, предлози и да го увериме македонскиот гласач дека ние можеме да направиме нешто подобро од ова сега. Не е доволно само да се критикува. Власта го сфатила тоа, па одговара - а што ќе направите вие? Ако на ова прашање се нема релевантен одговор, се' се сведува само на гола политичка борба за поделба на колачот. Односно, на потреба да се биде во фотелја, да се обезбеди работа за своето опкружување, за роднините, пријателите, за блиските фирми. Тоа може да има логика за некого, но за мене, не е доволен мотив за занимавање со политика. Сметам дека треба итно да се дадат одговори на многу горчливи прашања поврзани со економијата и со можноста да се просперира, односно да се живее нормално во оваа држава. Потоа итно треба да се дадат одговори како ќе се реформираат образованието и здравството. Се разбира, ова не се единствените проблеми. Нив ги има колку што сакате и колку што нејќете.
На овие проблеми Љубе Бошкоски не понуди одговор. Него не го интересираше да прибереме здрави луѓе, да формираме што повеќе тела каде што трустови ќе создаваат програми што релевантно ќе парираат во политичката арена и ќе се надеваме на победа. Тој по секоја цена сакаше набрзина да се добере до каква било позиција. Некои негови контакти од СДСМ му рекле дека во нивните интерни анкети бил многу популарен и тој наивно веднаш себеси се виде во премиерската позиција. Во една пригода ми рече: „Готово е Филип, освојуваме 70 пратеници на предвремените избори!“ Останав со прашалници. Боже, за што зборува овој човек? Во вакви услови 10 пратеници се повеќе од успех. И тоа ��ко зборуваме за сериозно обединување на незадоволството во центарот и во десницата. Токму за тоа говорев во интервјуто за неделникот „Сега“ во февруари. Да се обедини десницата, каде што ги вклучив Народна партија и бранителите, со што прогнозирав дека може да се оди и со над 100 илјади гласови. Не гледам што има лошо да се предвидува таков резултат, односно да се работи на тоа да се демократизира политичкиот простор со уште еден значаен субјект. Оти се виде како владеат СДСМ и ДПМНЕ во годините зад нас. Сите не' престигнаа. Соседите се етаблираа во НАТО и дел во ЕУ. Останатите наскоро ќе го сторат, тоа додека ние вергламе и никако да тргнеме напред. Една од причините за тој наш неуспех е и недостигот од демократска свест и капацитет.
Љубе Бошкоски збесна по појавувањето на интервјуто. Прво, не можеше да се помири зошто не сум рекол дека ќе освоиме 300 илјади гласови. Не го реков тоа оти не сметав дека е реална бројка, а секако би сакал да ја имавме како поддршка. Потоа му текна дека не е добро што сум ги споменал Љубчо Георгиевски и бранителите. Оти има комплекс од него, што се покажа на таканаречениот конгрес во Струмица (одржан под сомнителни услови), сакајќи по секоја цена да биде избран без гласање, затоа што тоа порано се правело така и за Љубчо. А за бранителите сметаше дека ги има в џеб и дека може да ги манипулира како што ќе му затреба. Потоа се сомневам дека од своите контакти од СДСМ доби задача да ја растури таа идеја. Оти десничарско-центристичка коалиција значи дека Црвенковски нема ексклузивно право да атакува на власта. Се растураше на тој начин заговорот двете партии да се менуваат на власт до бесконечност. И ја растури таа идеја. Прво се конфронтираше со Бомбај. Претходно си заминаа Бочваров и Туневски (присутен на основачкото собрание). Сите не му чинеа. Потоа си заминав јас, па Даштевски, а сега и Кецковски, кој е во кумска врска со него. Се зборува дека и Ден Дончев си заминал. Не остана ништо од грандиозните желби. Но, ѓаволот доаѓа по своето. Сега мора на Б.Ц. да му испорача резултати за поткрепата што ја има тајно цело време, а пред некој ден ја потврди Кецковски. Мора да одржи бунт. Ќе ја урива Страта железничка станица. Оти бунтот значи тоа. Ама се ми се чини дека за тоа ќе му треба логистичка поддршка од пријателчињата од СДСМ. Да пратат нешто членови, оти остана сам.
Идејата за сериозна десничарско-центристичка коалиција останува жива. Таа и' е потребна на Македонија. За да заживее плурализмот. Само што сега во неа нема место за луѓето што не разбираат дека не започнува и не завршува светот со нив. Ние ќе работиме да го оствариме овој проект со сите наши сили. На терен поддршката е повеќе од очигледна. Народот сфатил што му е потребно да излезе од калта во која со сила не' туркаат.
(Авторот е доктор по политички науки) |