Атина сака контрола на грчките компании во Македонија

Без договор за даночна транспарентност меѓу Македонија и Грција, грчките текстилни компании потешко ќе работат во нашата држава

Од нашиот дописник
Миркица Поповиќ

Атина - Билатерален договор меѓу Грција и Македонија за транспарентност на даночните податоци e решeнието за новите главоболки на грчките текстилни компании што работат во Македонија.

Теофилос Асланидис, претседател на Здружението на текстилни компании во Грција, објаснува дека според новиот построг даночен закон што стапува во сила во Грција од јануари 2011 година е потребно максимална транспарентност на даночните податоци и пријавените даночни трошоци. Поради тоа, Грција со голем број држави веќе има потпишано договор за транспарентност на даночните податоци според правилата на ОЕЦД – Организацијата за европска економска соработка, односно да може во секое време да има увид на трошоците што ги пријавуваат грчките компании кои имаат отворено претставништва во странство за да може да се избегнат проблеми со даночни измами.

„Грција сака во секое време да има пристап до даночните податоци на компанијата која е во Скопје, а има грчки газда и потоа пријавува трошоци и во Грција. Бидејќи нема ваков договор меѓу двете држави, Грција не може да има контрола над трошоците што и' ги пријавуваат овие компании и бара начин да може да се проверува дали има или нема даночни затајувања“, вели Асланидис.

Тој објаснува дека за државите што немаат потпишано ваков договор со Грција се смета дека не сакаат да имаат размена на податоци, а со тоа се сметаат за држави со кои нема соработка. Оттука и трошоците што ги пријавуваат компаниите во грчка сопственост во Македонија не можат да се признаат како валидни, поради што овие компании ќе мора да платат повисок данок.

Поради ова, доколку Македонија и Грција во следниот период не потпишат договор за транспарентност на даночни податоци, грчките текстилни компании ќе наидат на проблеми. Од Здружението на компании за текстил се надеваат дека двете држави ќе успеат да склучат билатерален договор за да се реши овој проблем и да се избегнат потенцијалните нови трошоци со кои ќе мора да се соочат. Асланидис вели дека засега не би можел да прогнозира што ќе се случи со грчките компании во Македонија, но се надева да се најде договор што ќе го реши овој проблем.

Како што пишувавме и вчера, од грчкото Министерство за финансии велат дека само ја почитуваат меѓународната листа на ОЕЦД - Организацијата за европска економска соработка на држави кои не се сметаат за „соработливи“ во даночниот сектор. Според грчкиот Закон за даночна праведност и даночно затајување, држави со кои се нема соработка се оние кои од 1 јануари 2010 година, независно од тоа дали се или не се држави-членки на ЕУ, се проценети негативно од ОЕЦД во врска со транспарентноста и размената на даночни информации.


#