16.08.2012, 18:02

Слупчане ја ниша коалицијата

ВМРО-ДПМНЕ: Слупчане не е чин на визионерство, туку на лицемерство

Александра М. Митевска


Настанот во Слупчане ја вжешти комуникацијата меѓу партиите од владејачката коалиција. Од ВМРО-ДПМНЕ, вчера, се огласија со соопштение во кое наведоа дека со положувањето цвеќе пред споменикот на ОНА им е нанесена штета на меѓуетничките односи, толеранцијата и на довербата меѓу граѓаните...

Претходно, од Американската амбасада оценија дека потегот на министерот за одбрана, Фатмир Бесими, е храбар, визионерски и патриотски и дека треба да придонесе за залечување на раните кај двете страни од конфликтот. Во ВМРО-ДПМНЕ, пак, имаат спротивен став на американскиот. Според владејачката партија, настанот во Слупчане е обид за добивање ситни партиско-политички поени. „Во која било држава во светот не може да се прифати како визионерски чин или лидерство доколку униформирани членови на армијата се поклонат пред оние кои убиваа нивни колеги пред само единаесет години. Тоа може да биде само отворање стари рани“, се наведува во соопштението од ВМРО-ДПМНЕ.

Според партијата на премиерот Никола Груевски, чинот во Слупчане е лицемерен и јавноста ќе го препознае тоа.

Вицепремиерот Муса Џафери, кој беше меѓу владините функционери кои беа во Слупчане, вчера ни изјави дека не се согласува со наводите од соопштението на Владата дека настанот бил приватна посета. Сепак, Џафери рече дека не очекува потреси во владината коалиција поради новиот заплет во релациите меѓу ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ.

„Не е, сега, работата со некој нов проект ние да се разделиме. Можам да разберам дека политичките партии сакаат да ја избалансираат ситуацијата, за да не губат поени во својот блок, ама мислам дека во овој случај јавноста ќе покаже поголема храброст од нас политичарите“, вели Џафери. Според него, посетата на функционерите од ДУИ на Слупчане била мошне транспарентна и немала за цел да испровоцира или да понижи некого.

„Минатото не можеме да го коригираме, но треба да се соочиме со него, без емоции, туку со намера да ја подобриме иднината и да ја зајакнеме довербата“, вели Џафери, потенцирајќи дека не сака да ги коментира изјавите на другите за овој случај.

Настанот со положувањето цвеќе пред споменик на УЧК, на 11-годишнината од Рамковниот договор, повторно, укажа на паралелизам во ставовите меѓу коалициските партии, за прашања што ги засегаат меѓуетничките односи, и се заканува да го наруши мирот во владиниот двор. Овој случај потврди дека ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ и натаму различно го читаат и го толкуваат документот од Охрид, иако токму на него се базира нивната соработка во Владата. Познавачите на состојбите во двете партии, сепак, не веруваат дека овие искричења можат да ја разнишаат коалицијата, која во изминатиот период преживеа и други предизвици, како тепачката на Кале, тензиите во Струга, инцидентите во автобусите, Смилковско Езеро..., но сите тие беа изменаџирани и заборавени, бидејќи, главно, беа покриени со други настани.

И покрај острите тонови што вчера ги упатија кон ДУИ, од ВМРО-ДПМНЕ не се произнесоа за барањата на опозицијата министерот за одбрана, Фатмир Бесими, да понесе политичка одговорност за овој случај. И во завчерашното соопштение од Владата не се посочува на политичка одговорност за „Слупчане“, туку само се наведува дека „овој настан нема никаков официјален карактер, ниту државен третман“ и дека „појавувањето на лица кои се дел од Владата има третман на нивна приватна посета за приватна комеморација“...

Според опозицијата, дијаметрално спротивставените ставови, кои испливаа на површина по реакциите за „Слупчане“ се најголем проблем на владејачката коалиција. „Освен за распределба на тендери, по којзнае кој пат се потврдува неможноста на премиерот и на другите претставници во Владата да изградат и да спроведат заеднички политички став. Како да очекуваме од граѓаните да имаат доверба во иднината на оваа земја кога највисоките политички претставници имаат спротивставени ставови: едните зборуваат за помирување, а другите повикуваат на одговорност, едните за официјална должност, а другите за приватна прошетка“, изјави Гордан Георгиев, потпретседател на СДСМ. (А.М.М)