Поглед
ДИК се изгуби
Катица Чангова
Државната изборна комисија целосно го преспа и првиот ден по одржувањето на вонредните парламентарни избори. На 2 јуни, највисокиот орган задолжен за целосна организација на изборниот процес, пропадна в земја. ДИК-овците едноставно се изгубија. Тоа е големо потфрлување за професионалци како што во ДИК постојано се нарекуваат.
Веројатно изморени од претензичниот изборен ден што некои го почувствуваа и на своја кожа, а потоа дотолчени и од разочарувачки оценки на меѓународните мисии за неисполнети стандарди, членовите на ДИК се разотидоа. Некои дома за да се одморат од многу напорната работа, а други некаде на отчет за веќе изнесени изјави.
Која и да беше причината за отсуството на ДИК, хиерархиски највисокиот дел од изборната администрација реши да не прозбори. Тоа е зачудувачки неочекувано ако се знае дека вака ноншалантно и рамнодушно ниту еден состав на ДИК досега не се однесувал.
Шефот на ДИК Јован Јосифовски, и целото тело во полн состав, требаше да собере сили и да се појави во јавноста. Ако ништо друго, макар да ги потврди уште еднаш освоените гласови по учесници во изборната трка, да ги засили осудите за насилство на гласањето, да кажат каде ќе се прегласува и, конечно, да ги оценат изборите. Тоа беше нивната обврска која не ја исполнија. ДИК се разбуди дури вчера, закажувајќи прес за 17 часот.
Во меѓувреме, улогата на ДИК и нејзините овластување без никаква пречка ги преземаа премиерот и лидер на ВМРО-ДПМНЕ и владиниот портпарол. Груевски и Боцевски категорично изјавија, небаре се од ДИК, дека ќе се прегласувало секаде каде што имало нерегуларности. |