Федерер нервозно бара чаре за „бомбите“ од третиот кат
За Швајцарецот, пред дуелот од четвртфиналето денеска, Хрватот не е само одличен сервер
Хрватот Иво Карловиќ го оствари својот најголем успех на еден Грен Слем турнир со пласманот во четвртфиналето на Вимблдон. Таму денеска го чека големиот Роже Федерер.
Првиот носител на Вимблдон пред два дена многу некоректно зборуваше за играта на Карловиќ. Сега, сепак, се предомисли и го пофали хрватскиот тенисер.
„Мразам да играм против Карловиќ. Тоа е чиста лотарија. Тоа што тој го игра не е тенис“, кажа Федерер, ама кога дозна дека во четвртфиналето треба да игра токму против него, ја смени плочата: „Карловиќ стана одличен играч и тоа не само поради сервисот. Еден таков тенисер мора да има и нешто повеќе од сервис, инаку како би бил рангиран така високо. Тој ги победува тенисерите од самиот врв“, кажа Федерер по победата над Содерлинг од 6:4, 7:6, 7:6. Швеѓанецот го доби и во финалето на Ролан Гарос, но денеска против Карловиќ ќе биде нешто сосема друго.
„Како ќе се подготвам? Еднакво како и за другите противници“, вели Федерер и додава: „Сакам таков вид предизвици, иако можеби тоа и не е најинтересен меч кој може да го одиграш. Но, сакам да го победам Иво, тој на врвните играчи навистина им го загорчува животот“.
Значи, приказната во два дена драматично се смени. Говорејќи против тенисот на Карловиќ, Федерер рече: „Не сакам да го потценувам, но...“. Сега тоа но - го нема: „Карловиќ никако не смее да се потцени. Сум играл со него на сите подлоги, на земја, на трева, во сала, на отворено. Драго ми е што пак ќе играм“, порача Федерер.
Од друга страна Карловиќ секогаш давал коректни изјави за Федерер. Така беше и завчера, кога кажа дека тој е еден од најголемите, затоа што, меѓу другото игра најдобро кога е најтешко. По победата над Вердаско, „дивот од Шалата“, како што го нарекуваат во Хрватска, ја стисна шаката, заврте со колковите и со насмевка од уши до уши ја поздрави публиката. Во таа победа (7:6, 6:7, 6:3, 7:6) вгради 35 аса, со што дојде до вкупната бројка од 137 аса на турнирот.
„Се чувствував одлично на свој сервис. Неверојатно е што не му понудив ниту една брејк топка. Ужасно сум среќен што се пласирав во четвртфиналето“, изјави Карловиќ, кој по мечот прашан дали е тажно што тој, впрочем е едиствениот тенисер кој практицира игра сервис-волеј, одговори: „Не знам дали е тажно, но јас пораснав гледајќи ги Бекер, Едберг, Иванишевиќ, Сампрас. Мислам дека во тоа време тенисот беше поразновиден, побогат“, додаде „Доктор Иво“.
По мечот Карловиќ го коментираше и својот танц. Англиските новинари го прашаа што тој значи, како го измисли и ќе заигра ли така и против Федерер: „Не знам, ми дојде само од себе. Тој ист танц го изведував по сите мечеви. Ако го победам Федерер, пак ќе заиграм на ист начин“.
Карловиќ и Федерер се имаат сретнато девет пати, а само еднаш успеал да победи Хрватот, и тоа лани во Синсинати.
Инаку, англиските весници се полни со текстови за Карловиќ, кој по Шкотот Мари е најпопуларен на турнирот. Некои новинари го споредуваат со легендарното филмско франкештајновско чудовиште, но во позитивна смила. Имено во текстот на „Дејли Мејл“ Иво стана „Борис Карловиќ“, според англискиот глумец Борис Карлоф, кој славата ја стекна во филмовите во кои го глумеше чудовиштето.
Резултати од четврт-финалето, жени: В. Вилијамс (3., САД) - Радванска (11., Полска) 6:1, 6:2.
Осминафинале, мажи: Мари (3., В. Британија) - Вавринка (19., Швајцарија) 2:6, 6:3, 6:3, 5:7, 6:3; Родик (6., САД) - Бердих (20., Чешка) 7:6, 6:4, 6:3; Фереро (Шпанија) - Симон (8., Франција) 7:6, 6:3, 6:2, Хјуит (Австралија) - Степанек (23., Чешка) 4:6, 2:6, 6:1, 6:2, 6:2; Карловиќ (22., Хрватска) - Вердаско (7., Шпанија) 7:6, 6:7, 6:3, 7:6; Ѓоковиќ (4., Србија) - Села (Израел) 6:2, 6:4, 6:1.
|