Тачи зборува за слатка победа, а Ахмети за крвава свадба

ДПА изборниот резултат вчера го засили и со гласовите на ПДП, која се претопува во партијата на Тачи

Светлана Унковска
Гојко Ефтоски


ДПА го зголемува изборниот резултат додавајќи ги освоените гласови на ПДП, со што ја надмина бројката на гласови на ДУИ. Најстарата партија на Албанците - ПДП се претопува во ДПА, откако лидерите на двете партии Мендух Тачи и Абдулади Вејсели го објавија нивното обединување. Гласовите што го освои просперитетот на изборите, значително ја менува состојбата и засега ДПА доби поголем резултат од оној на ДУИ. Од партијата на Али Ахмети не сакаа да ги коментираат ваквите најави и рекоа дека крајниот исход од изборите во албанскиот политички блок ќе се знае откако ќе има прегласување во „единицата“ и „шестката“.

И ДПА и ДУИ веднаш по сумирањето на првичните резултати објавија победа во сите изборни места и истовремено вината за инцидентите си ја префрлија еден на друг. Лидерот на ДПА, Мендух Тачи, изјави дека оствариле „најтешка и најслатка победа досега“, а неговиот политички ривал, лидерот на ДУИ, Али Ахмети, оцени дека ДПА слави „крвава свадба“. Истовремено, Тачи ја обвини ривалската ДУИ дека е директно одговорна за загинувањето на жителот од Арачиново и дека стои зад изборните инциденти, пукањата и нерегуларностите. Ахмети, пак, излегува со контраобвинувања и бара прегласување во „шестата“, во Втората изборна единица и во Сарај, каде што за бројните нерегуларности тврди дека биле предизвикани од криминални структури на ДПА, помогнати и од полицијата.

Своите изборни резултати од 101.123 гласа објавени од Државната изборна комисија вчера ДПА ги засили и со гласовите на ПДП, која освои 10.609. Тачи на вчерашната прес-конференција најави дека наскоро, откако партиските органи ќе ги донесат одлуките, ДПА и ПДП ќе се обединат, со што најстарата албанска партија ќе престане да постои. Со вака вкалкулираните гласови, на ДПА и дефинитивно ќе и' успее да ја надмине бројката што ја освои ДУИ, но се разбира математиките се прават без да се смета на прегласувањето, кога ќе се бие битката за уште 30 илјади гласа.

„Со едниот мандат што го има добиено оваа мала партија се избори да влезе во парламент и мојата радост е колку што ДПА победи, толку и за ПДП што влезе во парламент“, истакна вчера Вејсели. Тој рече дека го овластува Тачи и во името на гласовите на ПДП да преговара со новиот мандатар. Од ДУИ ваквите информации не сакаа да ги коментираат и бараат институциите на државата да преземат итни мерки, затоа што, како што рекоа, на изборниот ден правната држава во Македонија потфрли.

„Прво ќе има прегласување во изборните единица 1 и 6, а за таквите коалиции навистина немаме никаков коментар. Тие се само израз на разочараноста и паниката кај ДПА која и со изборниот фалсификат не успеа да обезбеди победа“, истакна Ермира Мехмети, портпарол на ДУИ. Според информации од партијата, Ахмети завчера сакал и да се повлече од изборниот процес, но по телефонскиот разговор со Хавиер Солана, бил убеден да го смени ваквиот став.