18.09.2012, 09:49

Србија пред можен референдум - Европа или Косово

Државната платформа на Србија за политиката кон Косово ќе биде формулирана на крајот на септември, веднаш по седницата на Генералното собрание на ОН, пишува денеска белградскиот весник „Вечерње новости“.

Српскиот државен врв е целосно свесен дека политиката - и Косово и ЕУ - практично удри во ѕидот по германското барање Србија да воспостави добрососедски односи со Косово.

Доколку биде отворено поставен условот Србија фактички да го признае Косово за да ги продожи европските интеграции, не е исклучено во земјата да се распише референдум со прашањето - Косово или Европа, потврдено е во Владата и Претседателството, пишува „Вечерње новости“.

Додека весникот „Данас“ пишува дека претседателот на Србија, Томислав Николиќ, нема да се ракува со косовскиот премиер, Хашим Тачи, на седницата на Генералното собрание на ОН.

- Нема шанси да се случи такво нешто, изјавиле извори од српското претседателство. Тие истакнуваат дека Николиќ изјавил дека за него ракувањето со косовскиот премиер е „неприфатливо“.