Зошто дрвја и камења врз ТВ Пинк?

Мики Делиќ

Повод за мојата реакција се серијата написи со кои се прави осврт кон купувањето на АЛФА ТВ од страна на групацијата „Пинк“ на Жељко Митровиќ. Воопштено, реакциите се сведуваат на тоа дека сега ќе следела инвазија на шунд во Македонија(!?), а сега, божем, има квалитет.

Се прашувам дали живеам во некоја друга држава штом имаме различни мислења за квалитетот на нашите ТВ-програми? Или, пак, станува збор за поинакво толкување и поимање на зборот квалитет? Точно е дека АЛФА ТВ стана синоним на содржински конципирана програма, но очигледно (ќе се согласам овде со повеќето критичари), бизнисот е во прв план па квалитетот не изроди пазарен продукт.

Точно е дека ТВ Пинк има дел од емисии што не се на ниво на еден одмерен и умерен цивилизиран човек, но има и емисии што се изработени и продуцирани по највисоки стандарди. Очигледно е дека сега е во тренд да се фрла со дрвја и камења по Пинк, но ајде да си поставиме неколку прашања. Зошто Пинк ТВ е најгледана ТВ кај нас и во регионот? Зошто нивните емисии ги соборуваат рекордите на гледаност? Ако сето тоа е шунд и кич (а еден дел сигурно е), кој тогаш ја следи програмата на таа ТВ ? Одговорот е едноставен... сите ние. Кој било друг одговор е само обично лицемерие и глумење на некаков си урбан стил на живеење.

На крај, секој од нас треба да направи пресек на програмската шема на нашите ТВ-станиции и ќе видиме што е тоа што најмногу се следи. Повторно, тоа се - сапунските серии и емисиите од продукцијата Пинк (секоја чест на исклучоците... и пак Алфа ТВ).

Колкава е продуктивноста на нашите ТВ? Колку домашни серии сте гледале во последниве пет години (а да не се реприза)? Каква е и колкава креативноста на нашите ни мили уредници на ТВ-станиците? Уште ли и нашите национални концесионери во етерот ќе емитуваат програма за која немаат договор, а за уплата на авторските права и да не зборуваме. Затоа на крај, колку на некој и да му звучи контроверзно, влезот на Пинк ТВ во Македонија може да донесе само квалитет ако не содржински тогаш барем нашиве ќе научат како се продуцираат емисии што имаат висока гледаност.

#