01.04.2012, 19:53

Енциклопедијата не е политички проект

„Во Енциклопедијата нема ништо ниту антидржавно, ако има одредени ’пропусти’, тие ќе се отстранат во следното издание“, вели академик Блаже Ристовски

ордана Дувњак

Академик Ристовски, три години по повлекувањето на Македонската енциклопедија, чиј главен редактор бевте Вие, а која во моментот кога се појави беше наречена контроверзна, антиалбанска и со многу пропусти, деновиве повторно се актуелизира ова прашање. Од новото раководство на МАНУ беше најавена во овој дел и соработка со Албанската академија на науки. Можно ли е „пеглање на разликите“ и како може да се оствари тоа?

- Пред се', Македонската енциклопедија никогаш и од никого не била повлечена! Само привремено е стопирано укоричувањето на дел од тиражот. Но во што се состои таа контроверзност и со што е антиалбанска? Тоа е кратка енциклопедија и нормално е да има и „пропусти“. Во повеќетомната енциклопедија се предвидуваа 34.000 одредници, во повеќе томови. Ниту Албанската академија на науките може да се појави како „пеглач“, ниту пак МАНУ може да интервенира во нивниот „Албански енциклопедиски речник“, каде што нас и воопшто не' нема и повеќе од половината на територијата на Македонија е маркирана како албанска.

Енциклопедијата доби предзнак дека е политички проект?

Само крајно заслепени партиско-политички структури можат овој проект да го таксираат како „политички“. Тоа беше и останува најголемиот и најсериозен научен проект на МАНУ што писмено го иницирав уште во 1999, а од 2002 година практично почна да се работи врз конципирање на повеќетомната Македонска енциклопедија. И тоа воопшто немаше никаква врска со никоја политичка партија!

Во есента 2005 година беше кај нас во посета премиерот Груевски. Јас на состанокот не бев, но беше колегата Георги Старделов како тогашен раководител на Лексикографскиот центар. Било поставено прашањето за средства. Му кажале дека имаме намера да подготвиме една кратка енциклопедија по повод 40-годишнината од основањето на МАНУ и дека тоа можеме да го направиме релативно брзо. Прашал: колку пари ви се потребни? Старделов рекол: 150.000 евра. Ги имате, одговорил премиерот. Тоа ли е политичка порачка? Ги молевме сите претходни премиери за финансирање на проектот, но главно само ветуваа.

Каде се наоѓаат сега примероците од Енциклопедијата?

Половината тираж се чува во магазинот на книгоиздателството „Скенпоинт“. Тие стојат отпечатени, подврзани и сошиени и се чека да се укоричат за да се пуштат во промет. Тоа е завршено дело. Во него нема ништо ниту антидржавно, ниту предавничко, а најмалку „контроверзно“. Одредени пропусти или слабости, ако има, тие може во следното издание да се отстранат. Не треба да се заборава дека тоа е прва национална енциклопедија. А познато е дека не постои енциклопедија во која не можете да најдете „пропусти“, па дури и дискутабилни формулации. Тргнете од Британика. Таа се издава толку пати во последните два века и секогаш има некои „спорни“ елементи и „пропусти“.

Може ли новата редакција да ја доживее истата судбина како вашата, бидејќи спорни точки и натаму остануваат дефинирањето на конфликтот, автохтоноста на албанскиот народ, одредувањето на улогата на некои личности од ДУИ?

За „конфликтот“ историската наука допрва ќе си го каже зборот. А конкретно на „конфликтот“ и последиците ние речиси и не се запираме. Тоа останува идна задача. Таа енциклопедија е работена врз принципите на науката и во неа нема никаква политика. Ниту, пак, некогаш некои од политичарите, актуелни или бивши, се обиделе да влијаат или да вршат некаков притисок врз создавањето на концепцијата и реализацијата. Јас не можев да си дозволам да правам некаква актуелнополитички интонирана национална енциклопедија. Енциклопедиите не се весници што траат еден ден, тие ост��нуваат. И затоа одевме врз научноистражувачките принципи да претставиме само факти. Таму нема теоретизирања ни епитети, туку голи факти. Впрочем, таму нема апсолутно ништо антиалбанско.

Колку што се сеќавам во тоа време Вашиот колега Али Алиу коментираше дека Енциклопедијата буди антиалбански чувства и Ве обвини дека сте голем националист?

Да, така едно време ме нарекуваа во Белград, а така и денеска ме етикетираат во Софија. Пишуваат сум бил „татко на македонизмот“! Може и во неговиот ум да никнуваат и такви емоции, но тоа е негов проблем, такво нешто нема во нашата Македонска енциклопедија. Нека се покаже барем една реченица што има антиалбански тон. Има две одредници („Албанско-македонски врски и односи“ и „Албанците во Македонија“) и се застапени многу личности и настани за Албанците во Македонија, но не и воопшто за Албанија и за албанскиот народ. Тоа не беше предмет на нашата енциклопедија. Само на едно место авторите напишаа дека Албанците „кај другите балкански народи се познати и како Арбанаси, Арнаути или Шиптари (Планинци)“. (Последново е земено од албански учебник печатен во Тирана!) Тоа не им се бендисувало, а зошто? Па тие самите веќе два века се викаат Шќиптар и Шќипнија. И тука не гледам никаква причина некој да се чувствува навреден. Тоа што господинот Алиу се води од своите предубедувања и чувства е негов личен проблем и не сакам да го коментирам.

Што ќе биде задачата на новата редакција?

Па таа всушност и не постои, се распадна. Самите Албанци писмено одамна се откажаа, зашто другите членови и од новата редакција не можат да ги прифатат условите што тие сакаат да ги наложат. И не може да се дозволи енциклопедијата да ја пишуваат автори од надвор. Албанската наука си има свои погледи и ставови за некои битни, суштествено важни прашања, различни од науката. Но и тоа е нивен проблем.

Нема ли со еднонационалниот состав на редакцијата, повторно да се проблематизира Енциклопедијата?

Пред се', ни редакцијата на првата Македонска енциклопедија не беше „еднонационална“. А сегашната редакција, реков, практично не постои. Има прашања по кои може да се прават некакви компромиси, но и прашања за кои компромиси апсолутно не се можни. Затоа тие и ја напуштија редакцијата. Не може да има компромис за работи што се надвор од секоја научна вистина и логика. Ние правевме енциклопедија на Македонија, а не на Албанија и Албанците. Тие се само еден (малцински) дел од населението на Македонија и ние зборуваме само за тие Албанци што биле и се веќе во Македонија.

И сега одвреме-навреме има партиско-политички реакции. Но науката не може да се води по нив. Политиката и партиите се едно, а науката е нешто сосем друго.

Со оглед на влошената меѓуетничка клима, може ли реално да се очекува дека Македонската енциклопедија ќе го здогледа светлото на денот?

Нормално дека може. Тоа е првата национална енциклопедија. Повторувам, тоа е завршено дело, отпечатено и подврзано и таму не може ништо да се интервенира. Добар дел од неа веќе е распространет. Другата половина треба само да се укоричи со уште тогаш веќе отпечатените корици.

Како и за секоја енциклопедија, се предвидуваше веднаш да се прави ново, изменето и дополнето издание. Со колегите Старделов и Камбовски бевме тогаш кај премиерот и добивме аванс за еднотомно англиско издание, во поскратена верзија.

Секој народ и секоја држава има своја енциклопедија. Зошто Македонија да нема? Тоа е насушна потреба. За нас малку се знае во светот. Затоа генералниот директор на Хрватскиот лексикографски завод во Загреб Влахо Богишиќ и сега пишува: „Драго ми е што сум бил во право кога велев дека големите потфати не се мерат со аршинот на дневните доживувања; енциклопедиите, па и Македонската, им се наменети на оние што треба да живеат во времето, а не на оние што би го запреле времето во точката на својот живот. Вашата енциклопедија е таква, вистинска енциклопедија“.

Зошто тогаш се формираше нова редакција?

За да се направи нова енциклопедија. Се размислувало, меѓутоа, да се направи електронска енциклопедија. Немам ништо против, добро е да имаме и таква. Но, не се направи. Онаа на којашто ние работевме и така стана електронска, цел свет денеска ја користи и никаде, освен во дел од Балканот, нема негативни реакции. Напротив. Тоа е завршено научно дело и се смета за едно од најзначајните на МАНУ.

Македонија никогаш не била повеќе поделена на различни линии: партиски, верски, етнички, на патриоти и предавници, па дури и околу античкото или словенското потекло. Можна ли е кохезија во една таква состојба на разединување?

Навистина ова е клучно прашање за нашата современост и иднина. Но јас како научник и партиски неангажиран човек, ниту имам амбиција, ниту пак имам можности да правам нешто повеќе на овој план. Кога човек ќе ја помине 80-тата, гледа да си ги заврши почнатите работи што ги планирал... Меѓутоа, како човек, како Македонец, како граѓанин на оваа земја, сепак не можам да бидам индиферентен кога гледам што се случува. Навистина, по сите линии имаме неединство. Само определени интереси ги врзуваат некои групации и тоа привремено. Мене посебно ме загрижува поделеноста на македонското тело, столбот на државата. Можеби и тоа е веќе традиционално за нас. Ние имавме такви поделби низ целиот 20 век. Но, ова што денеска се случува е голем и срам и грев. Раководствата на политичките партии не разговараат меѓу себе, не умеат да се договорат ни за најсуштествените проблеми од кои зависи судбината на оваа држава. Се мисли само за нови избори и за рушење на актуелната власт... А народот гледа и – помни.

Како гледате на антиквизацијата што се случува пред наши очи и на проектот „Скопје 2014“? Колку е тоа вистинскиот рецепт за зајакнување на сопствениот национален идентитет?

Актуелниот поим „антиквизација“, што се успеа да се распрсне и на меѓународен простор, го сметам како дневнополитички изум во нашето безумие. А проектот „Скопје 2014“ го гледам во основата како позитивна иницијатива во полувековната глува безиницијативност на македонската современа држава. Независно од некои несмасни фигури и градби во ограничениот простор, но за вкусот не се дискутира.

Начелно и не сум против единствениот споменик од антиката на скопскиот плоштад. Ако споменици на Александар Македонски и Букефал има толку многу во Европа (од Ирска до Грција) и воопшто по светот, зошто да нема и во Македонија, кога со милениуми го носиме името, ја населуваме територијата и на секој чекор ја среќаваме културата во нашата традиција, па не ги обвинувам Миладиновци што во Зборникот го вклучиле и преданието за „Воинот на коњ“. Но тешко на нашиот „национален идентитет“ ако го создаваме само со споменици, а без единство на мислата и акцијата...

Македонија е заглавена на патот на ЕУ и НАТО со проблемот со името. Гледате ли како може да се излезе од ќор-сокакот?

Единствено со ум, упорна активност, стрплива постојаност и со свест за себе и за нашата перспектива. Да си го проблематизираме името значи да се проблематизираме себеси.