21.03.2012, 16:14 Мое ќоше
Паско, веќе не е смешно
Ерол Ризаов
Добредојде во клубот на вакцинираните од антикоманија
Го читам нашиот весник и не можам да си верувам на очите. Одамна не сум уживал толку во едно интервју како во одговорите на Паско Кузман во вчерашниот „Утрински“. Конечно, родоначалникот на политичката интервенција во науката, која предизвика бура во научниот свет и идентитетски земјотрес во Македонија, вели дека не постои кај нас процес на антиквизација. Велиш, стар пријателе, тоа е смешен термин и ако сме Македонци, треба да се срамиме од еден таков збор. Вџашен ги читам редовите каде што тврдиш дека ти и денес не гледаш смисла во неговата содржина. Не знам кога порано си го кажал тоа јавно, но ти верувам и знам дека го мислиш тоа, кажал, не кажал. Како и да е, сепак, добредојде во клубот на вакцинираните од антикоманија.
И ние неколкумина цело време пишувавме и тврдевме дека ова е смешна и срамна работа. Ама, од поодамна тоа не е смешно. Точно, беше и многу срамно. Но, веќе со години е трагично. Затоа ние станавме предавници и душмани, а ти голем јунак и патриот. Тоа ти следуваше природно оти тоа си го одработи можеби несвесен колкав потрес ќе предизвикаш кога прв ја отвори Пандорината кутија. И сега те разбирам потполно, сакаш лошиот дух да го вратиш назад. Паско, доцна е. Античката пандемија се шири неконтролирано брзо, а трае со векови.
Што уште ни открива нашиот национален археолог и директор на Управата за културно наследство г. Паско Кузман. Тој поставува две значајни прашања: Што можеме да антиквизираме ние. Дали е антиквизација што ги поставивме склуптурите пред Владата..... и нормално следува одговор: бидејќи немаме ниту една скулптура од среден век - да имавме, ќе ги стававме, а имаме само од антички период, па тоа и сме го ставиле. Потоа пак логично прашање ни поставува Паско... зошто кај нас треба тоа да е антиквизација, а кај другите не. И следува уште пологичен одговор: веројатно поради спорот со Грција се смета дека се' што сме направиле сме направиле да ги изнервираме Грците. Тоа нема никаква врска, дообјаснува Паско и поентира: ние презентираме се' што е на оваа почва, се' што е наше на кое ние сега сме сопственици. Не корисници, сопственици сме на македонската почва! Оттука се' што е на таа почва, се' е наше. Ни грчко ни турско, наше е... Не е никаква антиквизација се' што е најдено овде од периодот на хеленизмот, од класичниот грчки период, да го извлечеме и да го покажеме. Досега не можевме да го направиме тоа, заклучува Паско Кузман.
Драг пријателе Паско, иако никогаш не е доцна, еве неколку факти што кажуваат дека многу си задоцнил и дека тропаш на отворена врата.
Прво, никој во Македонија никогаш не тврдел дека културното наследство од сите историски периоди откриено на оваа почва не е наше. Тоа е општо познато правило во светот, регулирано со меѓународни закони. И на пирамидите во Египет денес се наследници Арапите што живеат во земјата на фараоните. И Турците се наследници на Троја и на Кападокија и на чудесните цркви, Италијанците, Французите, Германците се наследници на големите чуда и ремек-дела останати од Римското Царство. Културната оставнина на сите цивилизации и историски периоди од праисторијата и антиката до денес во која било форма припаѓаат не само на народите кои живеат денес на тие територии, туку и на целиот свет. Тоа никој нормален нигде не го оспорувал. Ти велиш дека не е антиквизација да се презентира тоа што е најдено овде од периодот на хеленизмот и класичниот грчки период. Па, разбира се, Паско, не е. И треба да се презентира. Тоа ни е должност и со тоа треба да се гордееме.
Па, каде е тогаш антиквизацијата, поточно аниткоманијата. Драг пријателе, добро знаеш дека проблемот е во политичката интервенција и стимулација дека ние сме единствени и директни наследници на античка Македонија и дека наши предци се Александар Македонски и Филип Втори. Таа иницијална каписла, по која фрливме во неврат стотици милиони евра на овој најсиромашен народ на Европа, ти ја запали кога дозволи античките статуи од музеите каде што им е местото да се преселат пред Владата. Потрагата по сопствено пославно минато е скап опиум што создава тешка зависност. Македонија се навлече на тоа на сметка на словенството и на сите други историски периоди од кои имаме непроценливо културно, историско и идентитетско наследство. Разни шарлатани го прогласија словенското потекло за комунистичка измислица и варварство. А ти за тоа уште молчиш, како што молчат и многу други кои знаат дека словенството и христијанството се главен темел на современата македонска нација, јазикот и писменоста. Тоа е одамна потврдена историска и научна вистина. Нели, Паско. Па, сега ти види кога тоа ќе им го кажеш на новите антички Македонци. |