Груевски се амнестира од енциклопедијата

Скандалот со МАНУ се префрли и во Собранието

Оливера Војновска

Скандалот со Македонската енциклопедија вчера се пренесе во парламентот како главна тема на седницата посветена на пратенички прашања. Премиерот Никола Груевски целосно се амнестира од каква било одговорност, со образложение дека МАНУ е независна институција, па ниту нему, ниту на Владата не им паѓа на памет да се мешаат во нејзината работа. Груевски ги игнорираше повиците од опозицијата од албанскиот блок, да се огради од деловите во енциклопедијата во кои се изнесени „навредливи квалификации за Албанците“ и спорни моменти за улогата на американските и британските војници во конфликтот во 2001 година.

Иако Груевски беше на седницата, коалицискиот партнер во Владата - ДУИ, прстот го впери во Министерството за култура. Интегративците ја прозваа министерката Елизабета Канческа-Милевска, која воопшто не беше во собраниската сала, да ја лоцира одговорноста и да каже која е улогата на Министерството.

За бившиот премиер Владо Бучковски е скандалозно тоа што во енциклопедијата „е глорифицирана биографијата на премиерот“. Споредувајќи ги биографиите за него и за Груевски напишани од ист автор (Симо Младеновски), и за Бранко Црвенковски (напишани од Светомир Шкариќ), тој констатира дека само премиерот е претставен како државник.

„За вас напишале дека сте економист, политичар и државник, за мене дека сум правник, професор и политичар, а за Црвенковски само дека бил трет претседател “, рече Бучковски. Цитирајќи пасуси од биографскиот дел на Груевски во кои тој се величи како голем реформатор и заслужен за прогресот во државата, експремиерот заклучи дека Груевски треба да се срами од напишаното. „Срамота, ова го нема во ниту една енциклопедија. Вие треба да се дистанцирате од таквите написи“, му препорача на премиерот. Критикувајќи го дека со неподнослива леснотија се трга настрана кога има проблеми, а секогаш е на преден план кога треба да се глорифицира, Бучковски иронично го праша: „Со што се заштитени Вашиот лик и дело!? Па истите тие академици дадоа поддршка на вашиот претседателски кандидат Ѓорге Иванов“.

„Ниту сум помислил, ниту Владата помислила да се меша во научните дела на МАНУ. Тоа е право и одговорност единствено на МАНУ. Енциклопедијата е целосно независно изработена од МАНУ и јас и Владата не сме имале никаков допир со нејзината содржина. Немам што да додадам за нешто за што не сум бил ниту прашан, ниту сум учествувал, ниту сметам дека сум имал право да бидам прашан или да учествувам“, одговори Груевски на прашањето на експремиерот Владо Бучковски, кој бараше Владата да ја понесе одговорноста за Македонската енциклопедија која предизвика жестоки критики на албанскиот политички фактор, но и на преставниците на Велика Британија и САД.

Груевски го критикуваше Бучковски дека од секој настан се обидува да добие политички поени. А, за да се поентира на таков начин, според премиерот, понекогаш треба да се блефира и да се извртуваат работите. Па, настапувајќи во таков стил, премиерот излезе со контра прашање за Бучковски: „Добро знаете дека Енциклопедијата почна да се работи пред повеќе од шест години и е финансирана од повеќе влади.

Дали вие како премиер некогаш сте побарале, или сте провериле некое дело на МАНУ пред тоа да биде отпечатено?“

Уште на самиот старт на седницата Бучковски побара одговорност од премиерот Груевски, кој лично го промовираше „скандалозното издание на Македонска енциклопедија која потона, како и бродот ’Илинден’“. Квалификувајќи го текстот како дилетантски, поранешниот премиер, како посебно опасна ја оцени определницата во која пишува дека во камповите на ОНА имало американски и британски специјалци-спонзори, а притоа посредно се извлечени заклучоци од написи објавени во „Утрински весник“ и во „Дневник“. „��ајголема штета е направена во стратешкото партнерство на Македонија со Велика Британија и со САД“,смета тој.

Обраќајќи му се директно на премиерот Бучковски рече: „Вие господине Груевски се однесувате како да не сте од тука. За оваа катастрофа некој мора да се понесе одговорност, вклучувајќи и политичка“. Според него, ова можело да се предвиди и се знаело дека луѓето, кои ја подготвуваат ќе не' вратат во времето од 2001 година, кога беше лансирана идејата за размена на територии.

Шефицата на пратеничката група на Нова демократија, Флора Кадриу, го повика Груевски, да се огради од проектот полн со негативна енергија и иницијална каписла за етнички поделби, бидејќи, како што рече, Владата е негов финансиски спонзор. Откако премиерот го повтори истиот одговор што му го даде на Груевски, Кадриу дополнително појасни дека таа бара тој да се дистанцира од деловите што се навредливи за Албанците. Бидејќи Груевски го игнорираше нејзиното барање и не одговори ништо, а во тоа со деловнички игри му помогна и спикерот Трајко Велјановски, Кадриу констатира:„Ако не се дистанцирате, ќе оставите впечаток дека се согласувате со таквите наводи“. Надвор од собраниската сала таа реагираше дека е навредена од однесувањето на шефот на парламентот, „кој наместо да ги штити пратениците, го злоупотребил Деловникот и му дал можност на Груевски да се извлече и да не одговори“.

Пратеничката од ДУИ, Ермира Мехмети, упати прашање до министерката за култура Канческа-Милевска (иако не беше присутна), дали има намера и од кого ќе бара одговорност за проектот кој од Буџетот добил над 150.000 евра. Мехмети неколку пати појаснуваше и со сите можни огради кажа дека „немала никаква намера да провоцира тензични ситуации ниту во меѓуетничките односи, ниту во Владата“. Прашањето го поставила принципиелно, бидејќи оваа тема „екстремно ја испровоцирала јавноста“.

Во отсуство на Канческа-Милевска, заменикот Драган Недељковиќ одговори дека Министерството за култура не го финансира проектот Енциклопедија и оти МАНУ е врвна научна институција на која тие немаат право да и' сугерираат и да се мешаат во уредувачката политика на академиците. (О.В.)


#