Груевски и Црвенковски се гледаат само на телевизија

Премиерот и лидерот на опозицијата не паметат кога имале меѓусебен телефонски разговор

Соња Крамарска


Во идеална ситуација денешната вест во македонските медиуми ќе беше дека премиерот и лидер на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски, ја одложи вчерашната прес-конференција за отчет на Владата, затоа што опозицискиот лидер, Бранко Црвенковски, тој ден замина во посета на Црна Гора. Или обратно, дека Црвенковски ја одложи посетата на Подгорица за да остане во Скопје и да го проследи обраќањето на премиерот за сработеното во четирите години на власт.

Но, не се случи ниту едното ниту другото, туку од необјасниви причини (или според нашите извори, поради внатрекоалициски проблеми), Груевски наместо вчера, ќе се обрати денеска до јавноста со отчет за четиригодишното владеење, а Црвенковски можеби и ќе биде вратен од Црна Гора и ќе се намести пред телевизорот на „Бихаќска“ 8 да слушне што ќе каже неговиот политички ривал.

Според извори од двата кабинета, Груевски и Црвенковски, всушност се гледаат и се слушаат само на телевизија. Немаат никаква друга комуникација. „Последен пат се слушнавме по телефон кога бев избран за лидер на СДСМ минатата година во мај“, вели Бранко Црвенковски.

Но, од изборот на Црвенковски за лидер на СДСМ лани во мај, се случија многу работи. Македонија доби позитивен извештај од Европската комисија со порака Владата итно да пристапи кон решавање на името како услов да добие датум за почеток на преговорите за членство во ЕУ. Се случија и многу ургентни посети од странски лидери, чија заедничка порака е иста: решето го спорот за името, ако сакате да напредува вашата земја.

Меѓутоа, сето тоа не е доволно шефот на Владата и шефот на опозицијата да седнат и да направат џентлменски договор што ќе ја подобри атмосферата во државата, која е мрачна и песимистичка поради сложената политичка ситуација дома и притисокот однадвор за промена на името.

„Нека каже Црвенковски како ќе го реши името“, „Груевски ќе одговара за грабежот во Македонија“, „Кога разговарам со Црвенковски за името исто како да сум зборувал со Папандреу или со Караманлис“ - е само дел од арсеналот меѓусебни обвинувања и навреди со кои се напаѓаат. Според Груевски, Црвенковски е ноќен кошмар за многу генерации во Македонија. Црвенковски, пак, во емисија на телевизијата Алсат-М во една пригода за Груевски рече дека има психолошки проблеми.

Можна ли е соработка во такви околности? Сигурно не, иако елементарна политичка култура налага шефот на Владата и шефот на опозицијата да имаат барем куртоазни телефонски разговори по повод важни политички настани или годишнини, ако веќе не сакаат да соработуваат околу политички прашања. Впрочем, тие и не се непознати еден за друг, бидејќи цели три години (2006-2009) кохабитираа во државниот врв - Црвенковски како претседател на државата, а Груевски како премиер.

Но, сето тоа не е причина за да проработат телефонските линии меѓу „Илинденска“ бб и „Бихаќска“ 8, наместо шефовите на кабинетите на Груевски и Црвенковски секојдневно да им пишуваат потсетник на двајцата портпароли какви обвинувања да упатат до нивниот ривал.

Личниот анимозитет не е ништо ново на македонската политичка сцена. Мошне добро е познато дека кога Црвенковски беше лидер на СДСМ и премиер во 90-тите, не постоеше никаква лична комуникација меѓу него и тогашниот шеф на опозицијата Љупчо Георгиевски. Во јавноста уште се памети нивниот телевизиски дуел кога сосема на крајот, за големо изненадување на сите, Георгиевски ги испали последните аргументи: „Вие земате дрога и се пијаните со виски“. А Црвенковски на тоа „досетливо“ одговори: „А вие можете ли да потврдите дека не сте луд?“

Всушност, такви епизоди повремено се случуваат и во други земји со многу повисока култура од нашата, но стилот е далеку поинаков. Деновиве во Велика Британија и во светот топ тема се мемоарите на поранешниот станар на Даунинг стрит 10, Тони Блер, кој неговиот наследник и сопартиец Гордон Браун го портретира како „избувлив и непресметлив“. Насловот дека Браун е со максимална аналитичка интелигенција, но со нула емотивна интелигенција завчера го обиколи целиот свет, проследен со веста дека Браун размислува да го тужи својот некогашен сопартиец и политички ментор за јавно изнесените оцени.

Но, едно е светот, а друго е Македонија каде што политичката култура е на толку ниско ниво што искажаните навреди и етикетирање попречуваат секој обид Црвенковски да му сврти телефон на Груевски и обратно. Од нивните канцеларии тврдат дека тие не си ги знаат ниту броевите на мобилните телефони.

„Освен ако за потребата на прислушување полицијата редовно го информира Груевски за телефонот на нашиот лидер Бранко Црвенковски“, саркастично коментираат личности од опкружувањето на опозицискиот лидер.

Веројатно, ќе треба да помине многу време за да се изградат политичка култура и амбиент во Македонија за нормална комуникација меѓу лидерите на власта и на опозицијата. Кажано со поинаков јазик - ќе треба да помине време за политичкиот анимозитет да не прераснува и во личен анимозитет. Дотогаш јавноста ќе биде сведок на непристојна комуникација или на никаква комуникација, дури и во моменти кога ситуацијата бара соработка.


#