Мислења
Политичка проституција на сметка на Македонија
Филип Петровски
Иванов и Боцевски многу бргу ќе се профилираат како противници на Груевски, со политика која тој нема да може да ја контролира
И така, си седиме ние на кафенце во вторникот, кога се пренесе веста дека Боцевски поднел оставка. Како гром од ведро небо беше за сите нас. Прво, сите со неверување се погледнавме. Па зарем е можно највлијателната личност во владата и најблискиот соработник на премиерот тоа да го сторил? Ова го велам затоа што сите во ДПМНЕ знаат дека Боцевски беше најблизок соработник и човек на кој му се веруваше се што ќе каже. После се, деновиве во сите текстови кои се посветени на оваа „значајна тема“ се пишува дека неговото влијание било и пресудно да се подметне Иванов како кандидат на владејачката партија. Во рака држам десетина текстови кои потоа, веќе утредента, анализираа и претпоставуваа зошто Боцевски си отиде? Прилично парадигматично е поставен целиот случај, па затоа сметам дека и заслужува да биде истретиран во една колумна.
Јас на оваа историска личност се сеќавам од времето на протестите во 1997 година. Тој тогаш со своите другарчиња од штабот на СДСМ пишуваше против нас соопштенија во кои бевме опишувани како млади национал-социјалисти. Им пречеше нашата активност и политички цврсто определени како млади левичари си го дефинираа односот кон неа. Во ред. Тоа уште некако и е разбирливо. Ама, истата приказна се повтори и во 2001 година, кога Македонија беше во војна и се бранеше секоја педа земја на километарски фронтови. Тогаш Агенцијата за млади и спорт имаше свој проект за поддршка на бранителите. Тие издадоа ЦД со патриотска музика која ја испеаја познати македонски ѕвезди. Потоа следуваа и неколку концерти, како и посета од ѕвездите на фронтовите за да се охрабрат бранителите дека ја имаат поддршката на сите. Боцевски со другарчињата повторно и овој проект го оцени како национал-социјалистички. Со тоа во време на војна цврсто се определи против одбраната на државата, таква каква што беше.
Неколку години подоцна стана портпарол на владата на ДПМНЕ. Сите се чудевме како е тоа воопшто можно. Такво камелеонство имало можеби и порано, но ова беше врв на политичката проституција. Однапред се извинувам за некои претешки зборови кои ги користам, зашто тоа не е мој начин на пишување. Меѓутоа, со нив го изразувам сентиментот на поголема група незадоволни луѓе, како и мојот. Елем, тој си стана портпарол. Потоа ми се јави телефонски за да ме праша што јас мислам за тоа. Му кажав дека доколку јас бев во владата тој никогаш немало да стапне во неа. На тоа завршивме. Потоа немавме контакт, се до една наместена средба на која заеднички пријател не седна на маса. Боцевски се' уште беше портпарол. Благо навален наназад тој ме анализираше, како да сакаше да чуе извинување за телефонскиот разговор. Меѓутоа јас го прашав да не не му е нејасно нешто од разговорот за да му дообјаснам. На тоа одговори дека ми е благодарен затоа што јас единствено сум му кажал што му мислам додека сите други структури во ДПМНЕ дошле да се лигават (постои и далеку повулгарен збор што се користи разговорно, кој пристојноста не ми дозволува да го употребам). Не многу потоа, Боцевски стана вицепремиер. На чудењето му немаше крај. Како ли само се чувствувале оние излажани душички кои ораа низ калта на Македонија во повеќе изборни циклуси поради идеолошко убедување дека десничарка патриотска партија треба да е на власт, кога го гледаат Боцевски на тронот? Како ли се чувствуваа Влатко Ѓорчев и Антонио Милошоски, да седат во исти партиски редови и влада со човекот кој ги нарекуваше фашисти, и да молчат? Но, во политиката се е можно.
На Боцевски му се даде можност да раководи со сектор ко�� е од витално значење за иднината на државата. Мерит не постоеше, освен блискост и сервилност. Ако тие може да се сметаат за доблести. И како што гледате тоа мора да пукне. Меѓутоа, пукна во многу сериозен момент и персоната освен што си испеа РЕКВИЕМ самата себе, бидејќи се сомневам дека во догледно време ќе има втора шанса за да се пикне на сличен начин, може да и' испее РЕКВИЕМ и на македонската евроинтеграција. Зошто го велам тоа? Па затоа што постојат сериозни индикации дека тој сигналите кои ги добивал при евросредбите ги шминкал за домашна употреба, пренесувајќи му на шефот сосема искривена перцепција. Таканаречен „модерен Потемкин“. Наместо критика, на врвот стигнале информации дека се е во ред со нашиот курс кон ЕУ. На евроинтеграцијата сега и е зададен сериозен удар, затоа што ликот кој треба да не води кон неа со својата кукавичка оставка, на само неколку месеци пред извештајот за државата, збришал во САД, да се одмара приватно, додека ние цапаме во кал.
Во чаршијата постојат две верзии кои се вртат деновиве. Прво, дека Б.Ц. му се јавил на Боцевски и му наредил да се повлече (бидејќи е негово дете). И второ, дека Груевски под внатрешен партиски притисок не издржал и ја започнал операцијата „чистење“ на недпмнеовските кадри. Имено, ова требало да биде само вовед во поширока чистка затоа што незадоволните кадри веќе преминуваат во партијата на Љубе Бошкоски. Процесот се заканува да добие помасовни димензии ако продолжи игнорирањето на членството, кое подолго време е иритирано и незадоволно. Па затоа кадарот од доверба, Боцевски, е тргнат привремено додека неговиот другар Иванов не го смести во некоја амбасада по негов избор. Наводно, тоа би можело да се случи и со другите кадри кои се на удар помеѓу членството, затоа што од небо слетаа право во министерските кабинети.
Во првата верзија не верувам затоа што Боцевски често ги споменуваше теглите со мувла од СДСМ. Тоа е само една од навредите кои јаничарот мораше да ги употреби за да се додвори на новите господари. Тие тешко дека лесно ќе бидат заборавени од суетниот Бранко. Втората верзија е нешто поблиску до вистината, навистина има големо незадоволство. При мојата последна средба со Груевски му реков дека типови како Боцевски ние никогаш нема да ги прифатиме без разлика на афилијацијата која што тие меѓу себе ја имаат. Како мене мислат илјадници вистински вмровци. Само многумина молчат од стравот кој е наметнат како принцип на владеење. Многумина се плашат за својата егзистенција, која, доколку слободно го изразат мислењето, ќе им биде доведена во прашање. За жал, но тоа е вистината денес во Македонија, во 21 век.
Јас верувам во трета варијанта. Дека Иванов и Боцевски многу бргу ќе се профилираат како противници на Груевски, со политика која тој нема да може да ја контролира. А за се што ќе повлекуваат како потег, бидејќи пошироката популација ги смета за едно исто, сметката ќе биде на товар на Груевски.
Се' на се', Боцевски замина. Испраќаме еден политикант, една табула раза, една непознатост без никакви резултати зад себе. Но, со сериозни сметки и индикација за тајна дипломатија на штета на Македонија. Веќе слушнавме за неговиот наследник. И немаме причина да веруваме дека со него било што ќе се подобри. За жал.
(Авторот е докторанд по меѓународна политика)
http://filippetrovski.blog.com.mk |