16.01.2012, 17:29 Поглед
Казни и само казни
Јасмина Јовановска
По кратка пауза, министерот за здравство Никола Тодоров повторно тргна во поход да лови непослушни лекари. Но, малку скршна од зацртаната маршрута. Иако беше на ред за посета Клиничката болница во Тетово, тој сепак скокна до поликлиниката „Бит-пазар“. Ненадејно отиде во специјалистичките ординации да види како функционира новото упатување. Случајно или не, тоа го стори пред да заврши првата смена.
Сепак, министерот наместо да ги реши главните препреки за новите упати, тој прошетката ја заврши повторно со казни за неодговорни лекари.
Две недели реагираат и пациентите и лекарите, бидејќи тешко им оди новиот начин за упатување. Но, министерот не се мрдна од фотелјата. Вели дека таквиот вид контрола е работа на Фондот за здравство, а Министерството за здравство само треба да сумира дали се намалени турканиците на клиниките. Меѓутоа, практиката покажа дека сите матични лекари и специјалисти не ја научиле лекцијата за новите упати, па пациентите страдаат. А министерот наместо да се зафати со проблемите со новото упатување, праќањето болни на погрешни места, невработувањето нови нови лекари како мерка да се намалат турканиците - тој ги казни лекарите зашто си заминале порано од работа.
Тодоров се меша во работата што е обврска на менаџерите. Нивна задача е работната дисциплина на лекарите и преостанатиот персонал во здравствените установи.
Јавноста овие посети на Тодоров на амбулантите и болниците веќе ги смета за парада без позначителни ефекти. Министерот ги казни лекарите, а пациентите и натаму останаа да се туркаат пред специјалистичките ординации и да се шетаат непотребно за добивање упати. Очигледно, има нешто погрешно во стратегијата на министерот за подобрување на состојбата во здравството. Време е да ја смени.
|