СДСМ наесен со влада во сенка

Можно е веќе во октомври партијата да го има првиот тест пред граѓаните

Билјана Јовановска



На саботниот, 12. конгрес на партијата, кој ќе се одржи во хотелот „Александар палас“, Социјадемократскиот сојуз на Македонија ќе ја официјализира кампањата која, според мотото, ќе трае додека треба. На „Бихаќска“, каде што изминативе месеци се работеше повеќе од кога и да е порано, владее умерен оптимизам. Свесни се дека партиската програма, на која работеа експертски тимови, е добар производ од кој е логично, и тие самите и јавноста, да очекуваат добри резултати, кои партијата одново ќе ја вратат на власт. Меѓутоа, не замижуваат ниту пред фактот дека во однос на кампањата, СДСМ не може да се натпреварува со владејачката ВМРО-ДПМНЕ и со промовирањето на своите решенија опозициската партија само ќе ја интензивира рекламната активност на власта. Тоа се чувствува веќе сега и не е ни малку случајно што Кабинетот на премиерот Никола Груевски, на пример, за една недела излезе со три изборни мерки.

Без оглед дали наредните избори ќе бидат редовни или вонредни, лидерот Бранко Црвенковски пред себе има исклучително тешка и одговорна задача - на цврсти нозе да ја застане партијата која минува низ внатрешни ломови и кризи и бележи рејтинг кој е далеку под посакуваниот. Конечно, искусниот партиски шеф ќе мора да ги промовира и новите лица на СДСМ, зашто најавите за засилување на партиските редови со млади и исклучително надарени кадри запреа на двајцата потпретседатели - Гордан Георгиев и Зоран Јовановски. Затоа, со нетрпение се очекува што и кој ќе добие како партиско задолжение. Оваа распределба на обврските ќе биде исклучително важна, исто како и изборот на луѓето, бидејќи СДСМ до крајот на годинава првпат ќе има влада во сенка. Подготвеноста да застане на чело на претпоставениот отпор на граѓаните Црвенковски лично ја искажа и прашање на време е кога решеноста да и' се спротивстават на власта, која не ја води државата кон ЕУ и НАТО-интеграциите со посакуваното темпо, ќе се манифестира. Дали, можеби, веќе во октомври ќе биде истестиран новиот, рестартиран СДСМ - останува да видиме.

На Конгресот партијата ќе поработи на промени на статутот. Ќе се официјализира стегната тупаница како нов симбол, кој, како што покажуваат интерните истражувања, има добар прием кај членството. Наредниот месец Градската организација на партијата во Скопје ќе добие засилување. Главниот град е посебен тест, кој мора успешно да се помине, особено сега кога Скопје е во рацете на ВМРО-ДПМНЕ.

Непосредно по Конгресот, во Универзална сала, в сабота лидерот Бранко Црвенковски ќе ја промовира новата партиска програма во која, тврдат, акцентот е ставен врз низа интересни решенија на економските проблеми, а не е заобиколен ниту политичкиот сегмент. Битно им е програмата да биде достапна до поголем број луѓе, така што по Конгресот, СДСМ ќе тргне во класична политичка пропаганда. Економскиот дел од програмата е пишуван така за да им биде разбирлив и на оние категории граѓани на кои социјалдемократите досега не им се обраќале на ваков начин. За ова е водена особена грижа, бидејќи освен лојалност од сегашното членство и од симпатизерите, на СДСМ премногу му е важно и освојувањето, и тоа во поголем процент, на оние 52 отсто неопределени гласачи, кои и со ваква интензивна кампања владејачката ВМРО-ДПМНЕ не успеа да ги придобие на своја страна.

 


#