Нема алиби за поскапување на струјата
ЕЛЕМ и ЕВН ги подготвуваат барањата до регулаторите и не ги коментираат се' погласните шпекулации за поскапување
Маја Томиќ
Ќе има или ќе нема поскапување на струјата и дали е тоа неопходно, во интерес на инвестициите во енергетиката, како што препорачуваат од Брисел? Образложението од Европската комисија е дека струјата не треба да има политичка или социјална цена, туку пазарна, со што ќе може да се воведе либерализација на енергетскиот пазар, на што сме обврзани пред Енергетската заедница.
Нагорна корекција на цената, да, но само ако е таа оправдана со инвестиции што се реализирале во изминатиот период, велат експерти. Само тоа држи како оправдување дека струјата неминовно треба да поскапи. Инаку, нема логика државната ЕЛЕМ, како и „ЕВН Македонија“ да бараат од Регулаторната комисија за енергетика корекција, односно поскапување.
„Нема логика струјата да поскапува, ако се има предвид дека двете енергетски компании постојано покажуваат зголемени профити во работењето. Кога би било обратно, односно ако работат со загуба поради инвестиции, тогаш не треба да чуди ако РКЕ да им одобри барање за повисока цена. Корекцијата треба да е во функција на нови инвестиции“, вели професорот Атанаско Туневски, кој додава дека е многу веројатно оти ЕЛЕМ и ЕВН наскоро од РКЕ ќе бараат повисока цена, но не се согласува дека по секоја цена во земјава треба да имаме либерализиран пазар на електрична енергија и цени блиски со европските.
„Не е суштината во тоа да се постигне европска, односно повисока цена на струјата, ако потоа нема кој да ја плати. Платите и стандардот на граѓаните не се европски за да можеме да се мериме со тие цени и луѓето се' повеќе ќе доцнат со плаќањата“, посочува Туневски.
ЕЛЕМ и ЕВН, како и досега, немаат никакви коментари околу шпекулациите за поскапувањето на струјата, подгреани од неодамнешните пораки на Брисел за напуштање на принципот на политичко кроење на цената во интерес на либерализацијата на пазарот, што ќе доведе до нови инвестиции. Оттаму само велат дека се' уште се прават пресметки и дека тие не одлучуваат за процентите за поскапување, туку РКЕ. Од ЕЛЕМ додадоа дека одобрениот лански процент на поскапување од страна на регулаторите, компанијата го оправдала со обемниот циклус на инвестиции во изминатите месеци. Се' до последниот момент кога Комисијата ќе ја донесе конечната одлука, вообичаена практика на ЕВН и на ЕЛЕМ е да бидат воздржани од информации дали и за колкав процент ќе бараат повисока цена на струјата.
Инаку, Законот за енергетика ги обврзува енергетските компании секоја година, односно до крајот на октомври, да доставуваат до РКЕ извештаи за регулирани максимални приходи и расходи од почетокот на годината. Ова не се однесува повеќе на преносниот оператор МЕПСО, за кој оваа обврска, во согласност со законот, важи за период од изминати три години.
Така, останува неизвесно дали и за колкав процент поскапа струја ќе бидат погодени граѓаните и компаниите.
Инаку, струјата последен пат поскапе на 1 јануари годинава, кога цената скокна за 10 отсто. Цената на еден киловат-час струја што ја продава ЕЛЕМ од јануари наваму изнесува 2,11 денари, просечната цена на еден киловат-час за сите категории потрошувачи се плаќа по 3,78 денари, а домаќинствата плаќаат околу 3,3 денари за квч.
Со ланската одлука на РКЕ најмногу доби ЕЛЕМ, или 55,75 проценти зголемување на цената на струјата што ја продава, МЕПСО - 6,51 отсто, а „ЕВН Македонија“ - 35,61 процент. Претходното зголемување на цената беше во ноември 2008 година, кога таа скокна за 13,5 отсто.
Социјалните пакети што Владата ги најави за загрозените, социјални семејства, а кои подразбираат субвенции од 600 денари за сметките за струја, се' уште не профункционирале. Прашање е колку со овие десет евра едно семејство што живее од социјална помош ќе може да ги плати сметките з�� струја, особено во грејната сезона. |