02.01.2012, 18:45

Сочувство од Иванов и Груевски

Претседателот на Македонија Ѓорге Иванов, како што соопшти неговиот Кабинет, со жалење ја примил веста за смртта на поранешниот претседател Киро Глигоров.

„Во овие тешки мигови на загуба, би сакал да упатам изрази на искрено сочувство до семејството на претседателот Киро Глигоров, првиот претседател на независна Република Македонија. Претседателот Глигоров доживеа да ја види Македонија како стабилна и напредна држава. Нека му е вечна слава“, вели претседателот Иванов во сочувството до семејството Глигоров.

Во телеграмата на Груевски се вели: „Во овие тажни мигови за Вашето семејството, од име на Владата и од свое лично име, споделувајќи ја Вашата болка и загуба, сакам да Ви ги пренесам изразите на искрено сочувство. Глигоров ќе остане запаметен како човек и политичар кој имал сериозни заслуги и придонеси во ослободувањето, создавањето, меѓународната етаблираност и развојот на Република Македонија. Неговите дела ќе останат запишани во македонската историја и во колективната меморија на нашиот народ и граѓаните на Македонија“, се вели во телеграмата на Груевски. Вчера телеграма со сочувство до неговото семејство испрати и претседателот на Собранието, Трајко Вељаноски.