Можен ли е пресврт на изборите?
Главната битка ќе се води во Скопје
Оливера Војновска
Наспроти сондажите на јавното мислење што предвидуваат дека на изборите в недела најмногу пратеници ќе освои ВМРО-ДПМНЕ, и тоа од 42 до 52, (освен институтот „Прогрес“ , според кој, владејачката партија ќе ги изгуби изборите), некои од политичките посматрачи очекуваат пресврт и не исклучуваат да се случат изненадувања. И експремиерот Љупчо Георгиевски прогнозира дека партијата на премиерот Никола Груевски нема да добие повеќе од 40 мандати. Георгиевски е убеден дека ВМРО-ДПМНЕ ќе ги изгуби изборите во Четвртата и во Петтата изборна единица, а во Првата, Втората и во Третата ќе се води тесна битка меѓу ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ.
Политичкиот аналитичар Петар Арсовски е на мислење дека на овие избори опозицијата ќе се доближи до власта. „Очекувам СДСМ да направи подобар резултат од оној што се прикажува, но не можам да предвидам за колку. Никој нема точна прогноза поради големиот број неопределени граѓани и оние што воопшто не се изјаснуваат. Имаме над 300.000 колебливи гласачи, што е повеќе од гласовите на владејачката партија, така што анкетите ја потценуваат силата на опозицијата“, вели Арсовски. Правејќи споредби со досегашните изборни циклуси, тој смета дека опозициското расположение ќе се прекрши во главниот град. „Секогаш кога се менувала власта, опозицијата правела пресврт во Првата изборна единица. Во Скопје животот е подинамичен и наклонетоста на јавното мислење побрзо се менува отколку во другите градови“, смета Арсовски. Според него, во Четвртата изборна единица власта се' уште има силна поддршка. „Опозицијата е подобра во Струмица, но не знам дали е тоа доволно за да има влијание во целата изборна единица“, вели Арсовски.
Политикологот Владимир Божиновски од Институтот за политички истражувања од Скопје (ИПИС) очекува ВМРО-ДПМНЕ да има од 50 до 52 пратеници, а СДСМ од 33 до 36. Тој не може да предвиди како ќе бидат распределени мандатите по изборни реони. „Не сакам да зборувам напамет бидејќи нема истражување по изборни единици“, се оградува Божиновски.
И политикологот Владимир Мисев од Институтот за демократија не сака да влегува во прогнози за распределбата на пратеничките места во шесте изборни единици.
На неколку дена пред гласањето, македонската јавност е бомбардирана со анкети за исходот од вонредните парламентарни избори. Телефонската анкета на Институтот „Димитрие Чуповски“ покажа дека ВМРО-ДПМНЕ би освоила 58 пратеници, СДСМ 29, ДУИ 15, ДПА седум, НДП и ЛДП по четири, а другите партии три пратенички места. Според сондажа на ИПИС, ВМРО-ДПМНЕ би освоила 52 пратенички места, СДСМ - 34, ДУИ - 14, ДПА- осум, НДП - четири, додека ВМРО - Народна партија, ЛДП, Обединети за Македонија и НД би освоиле по две пратенички места. Агенцијата „Рејтинг“ за ВМРО-ДПМНЕ предвиде 48 пратеници, за СДСМ - 35,ОМ - 3, ВМРО-Народна - 4, ЛДП- 2, ДУИ -13, ДПА- 8, НДП- 4, НД-3. Институтот „Либерта“ прогнозира дека ВМРО-ДПМНЕ ќе добие 42 пратеници, СДСМ 40, ДУИ и ДПА по 13, НДП 4, ВМРО-НП и ОМ по 3, а по еден пратеник ќе добијат НД и ЛДП.
Според последната анкета на Институтот за демократија, ВМРО-ДПМНЕ би добила 48, а СДСМ 37 пратеници, ДУИ - 16, ДПА - 9 пратеници, НДП - 3, Обединети за Македонија, Нова демократија и ВМРО-Народна по двајца пратеници, а ЛДП едно пратеничко место.
За разлика од овие анкети, Институтот „Прогрес“ (кој важи за близок на опозицијата) предвидува победа за СДСМ со 39 пратеници, ВМРО- ДПМНЕ - 37, ДУИ - 16, ДПА - 10, НД - 6, НДП - 6, НСДП - 1, ВМРО-Народна - 3, Обединети за Македонија - 2 пратенички мандата. (О.В.) |