Бугарските возила се менуваат како чорапи

Македонските граѓани чекаат да дојде Нова година, да падне царината, па да размислуваат за купување автомобил

Соња Маџовска

Незначителен е бројот на бугарските возила што извршиле пререгистрација во земјава. Иако рокот за пререгистрација истече во септември, сопствениците на бугарските автомобили се снаоѓаат и бараат свои канали како да ги избегнат казните за возење автомобил со странски таблички во земјава, повеќе од шест месеци, колку што дозволува законот. Познавачите велат дека најчесто, ако им е истечена важноста за престој, сопствениците на вакви автомобили одат во Софија, или во друг град, и таму го пререгистрираат автомобилот за 20 евра, со што добиваат нова табличка, или купуваат нов, па така на секои шест месеци. И директорот на Царинската управа, Ванчо Каргов, признава дека не знае на кој начин сопствениците на возила со странски таблички ги регулираат докумeнтите.

„Имаме индикации дека повеќе граѓани почнуваат да го регулираат статусот на возилата со странски регистарски таблички. Во октомври, од 1.530 регистрирани возила, 250 се увезени користени автомобили, кои веќе претходно биле во Македонија, а такви најчесто се возилата од Бугарија. Сопствениците наоѓаат начин како да го регулираат престојот на тие возила во земјава“, изјави вчера Каргов.

Инаку, последниов месец замре продажбата и на стари и на нови автомобили. Македонските граѓани чекаат да дојде Нова година, па да размислуваат за кола. Ова особено е поттикнато од изјавите на владините министри, според кои, од 1 јануари наредната година нема да се наплатува царина за возилата што се увезуваат од ЕУ.

Автоувозниците, пак, објаснуваат дека тоа нема многу да влијае врз падот на цената на возилата или, пак, намалувањето ќе биде минимално, во просек од 200 до 300 евра. Според нив, цената на автомобилите во овој период е сведена на најниско ниво и во земјава се продаваат возила со европска маржа. „Маржите се сведени на најниско ниво во последниве години и нема веќе простор за поголемо намалување. Сега и кај нас маржите се исти како и во европските земји. Тие се движат до 1.000 евра, но најчесто се и пониски. Проблемот е што стандардите што ги поставува ЕУ се многу високи. Не може ние од нив да побараме да ја променат серијата на производство и да им кажеме дека ние се' уште бараме возила со Еуро-2 стандард, и со еден до два ер-бека. Во ЕУ дополнителната опрема е задолжителна“, објаснува Зоран Василевски, директор на сервисниот центар на „Аутомакедонија“.

Инаку, поради слабата продажба и загубите што ги трпат, дел од увозниците сметаат дека постои сериозна опасност наредната година да не можат да го издржат ова темпо и ќе мора да затворат. Од Комората на автоувозници, пак, демантираат и велат дека нема шанси да се случи дел од автосалоните да стават клуч на врата. Тие признаваат дека оваа година, поради навалицата на стари возила, запре продажбата на нови, но очекуваат дека в година пазарот ќе се стабилизира. „Многу слабо оди продажбата на возила. Ретко се купува нова кола. За десет месеци се продадени околу 5.000 нови возила, а, обично, се продаваа по 16.000 коли годишно. Нема дилер што може да си ги плати трошоците со ваква продажба. Веќе никој не држи возила на лагер, се набавуваат автомобили само за однапред познат купувач“, се жалат увозниците на нови автомобили.

Но, освен кај новите возила, чија продажба и така е тапа од март наваму, последниов месец и половните коли веќе не се барана стока. Според податоците од Царинската управа, од почетокот на годинава заклучно со 24 октомври во земјава влегле 56.385 возила, од нив половни се речиси 47.000, само 5.800 се нови, а останатите се товарни возила. Ако од март до септември се увезуваа и по 9.000 возила месечно, во октомври таа бројка е сведена на едвај 1.000 увезени странски автомобили. Од околу 50.000 увезени странски возила, според податоците од Министерството з�� внатрешни работи, се регистрирани 43.754 заклучно со 5 ноември. Тоа значи дека околу 6.000 возила се наоѓаат на плацевите или во салоните непродадени.

И увозниците на половни автомобили се жалат, но, на крајот на краиштата, и нема место за такво незадоволство, бидејќи од март до септември добро се офајдија. „Последниов месец ниту се увезуваат, ниту се купуваат, ниту се царинат возила“, вели еден од увозниците на половни автомобили.


#