Си велам

Убиство на Охрид

Ерол Ризаов

Човечки џган е коалиционен партнер на сите власти во Македонија

Десетина мажишта, јуначишта големи, од мајка родени, фатиле еден човек во Охрида града го тепале, го тепале, го убиле бога во него. Го претепале на мртво име. Го ставиле на плочникот пред поштата во центарот на градот да испушти душа и со последниот здив да му прати вест на светот дека заедно со него е убиен и Охрид. Секоја година некој го убива Охрид. Му ја вади душата низ грклан. Немоќни и уплашени ги гледаме злосторствата во духовниот и културен центар на Македонија, во градот на Климент и Наум. Велат во Охрид има 365 цркви, за секој ден по една. Доволно да се помолиме за жртвите на насилството. Малку е за да се спасиме од група кукавици кои убиваат во глутница. Премалку да го испереме срамот.

„Немојте људи, немојте људи, ништа нисам урадио“, викал белграѓанецот Дејан Новаковиќ, 35-годишен татко на три деца, додека крвнички го тепале јуначиштата наши, а велат и српски. Како бе, Дејане, ништо не си направил. Си дошол во македонскиот Ерусалим на одмор и криво си погледнал, или поттурнал некого. Си згазнал на пуштениот појас на нашиот башибозук што владее со Македонија. Си направил смртен грев. Доволно да бидеш линчуван.

Кога еден човек ќе умре, за него е мртов целиот свет. Кога еден човек ѕверски ќе биде убиен, кога ќе му се прекине животот насилно со ќотек, умира и дел од сите нас. Анатомијата на охридското злосторство ја покажува метастазата на македонското општество. Не дека нема убиства и злосторства насекаде низ светот, не дека насилството и потонатите бродови се наша специјалност, туку не' убива и сознанието дека нашиот гнилеж смрди и од друго место. Не е само од онаа страна на законот, туку и од оваа кај чуварите на законот, редот и мирот.

Сте ги виделе ли сите оние батки со бричени глави и дебели вратови како седат по кафулињата на македонските градови. Дремат како во холивудските вестерни на железничката станица со пиштоли на појас, чекајќи да го убијат младичот. Во филмовите победува правдата, а кај нас злото. Тие батки се страв и трепет. Тие се закон. Тој човечки шљам е коалиционен партнер на сите власти во Македонија рамно 20 години. Тие волови, често под заштита на полицијата и системот, управуваат со државата. Класичен башибозук, паралелна власт, без команда, криминална паравојска, која собира посебен данок. Арач на страв. Тешко на оној што ќе се судри со овие монструми кои ги изроди транзицијата, анархијата и, се разбира, власта. Тие се во градежната мафија, градат каде што сакаат и што сакаат, тие се главните концесионери на националните богатства, рекетари, обезбедувачи, заштитници на партиските митинзи и штабови. Знаат да облечат и костуми и да се шетаат како шифоњери покрај нашите политичари. Можете да ги видите редовно на телевизија во близина на највисоките македонски функционери. Тоа се оние типуси со некакви копчиња и жици во ушите, со златни синџири околу вратовите кои ја чуваат власта од народот. Шетаат низ парламентот, делат шлаканици на новинари, возат 200 на час низ градските улици со џипови кои имаат по неколку регистарски таблички, во зависност од потребата и добиената задача, прават акробации со мотори, глисери и скутери, газат луѓе, тепаат, убиваат... Никој не им може ништо. Тоа е најгнасниот нуспроизвод на македонската демократија. Преку цела година полнат со вреќи пари по дискотеките, коцкарниците, јавните куќи, кафулињата, плажите, ги контролираат наддавањата и разните лицитации, ги заштитуваат дилерите на дрога, трговците на бели робје, продаваат оружје, алкохол и историски артефакти. Пред избори цената им расте вртоглаво. Без нив нема избори. Тие ја бранат македонската демократија од граѓаните.

Македонија го нема Елиот Нес да ги ампутира овие метастази кои од ден на ден се' повеќе ја задушуваат. Елиот Нес и не може да се појави каде што нема големи лидери. Полицијата станува помошна служба на башибозукот. Батките со дебели вратови, кога ќе им се појави „нелојална“ конкуренција, и' фрлаат по некоја коска на полицијата, соопштувајќи и' податоци за новите криминалци конкуренти. Тоа, главно, се големите успеси на МВР и на реформите на судството и спречувањето на организираниот и на уличниот криминал. Законот на Дивиот Запад око за око, заб за заб, веќе не важи. Кај нас е око - за ништо, живот за - пет пари. Опасно паѓа цената на човечкиот живот во Македонија. Началник на полицијата во Скопје му го извади окото на својот братучед оти овој во последно време почнал многу да зборува и да аздисува. Тоа е оној началник од скопско Маџари што ги викал на сослушување пратениците по инцидентот во македонското Собрание. И сега Анкетната комисија ќе прави бла, бла, бла да открие зошто опозиционите пратеници малтретирале полицаец, или да открие што бара полицаецот со камера и пиштол во парламентот без да го повика никој. Јас тврдам дека ништо нема да открие Анкетната комисија за забошотување на случајот. Началникот бил суспендиран, ама се' уште работи. Братучедот го оќорави од ќотек. И никому ништо. Ете, затоа убиството во Охрид не може да се гледа како на немил настан и вообичаено злосторство во туристичките центри во светот. Тоа веќе не е обичен криминал и насилство. Тука станува збор за парализа на системот каде што мафијата владее со државата, каде што силеџиите стануваат помоќни од институциите на системот. Додека бричените глави и дебели вратови не исчезнат од македонските градови, додека не завладее правната држава, додека е тесна границата меѓу криминалот и полицијата, убиствата ќе стануваат се' повеќе наше хорор секојдневје. Власта е немоќна да го запре крвавиот данок на теророт. Спрегата меѓу криминалци и некои агенции за обезбедување со луѓе од обезбедувањето на највисоките македонски политички лидери е јавна тајна. Нивните заеднички дружења и пијанења, заеднички акции и заеднички имоти и бизниси се веќе вообичаени на очиглед на целата јавност.

Братот на убиениот Дејан Новаковиќ во Охрид со солзи во очите изјави дека во Србија нема омраза кон Македонија и кон Охрид. Тоа е навистина достоинствен човечки гест при најголема тага и загуба. Но, во Македонија има бес и страв за ова што ни го прават. Има ли институции на системот на кои им е работа да ги заштитат граѓаните. Министерката за внатрешни работи, Гордана Јанкуловска, вели дека со безбедноста на граѓаните се' е в ред. § препорачувам да прошета малку низ македонските градови и да се распраша за батките со тркалезни глави. Иако мислам дека веќе добро знае кој и како управува со нив, па нејзината улога во борбата против овие чудовишта станува невозможна. Погодете зошто.

Неказнето злосторство е најголемо злосторство. Кога ќе слушнеме дека за линчот пред охридската пошта се казнети примерно убијците, еден мал дел од правдата ќе биде задоволена.

А кога ќе исчезнат бричените глави?! Е, тука веќе засегаме во анатомијата на злосторството во Охрид. За тоа се потребни длабоки хируршки резови без анестезија. Тоа многу боли, долго и по ампутирањето.


#