17.04.2012, 17:23 Нови закани: пропаганда или провокации. МВР засилено работи на истрагата
Безбедносниот амбиент во земјава нарушен од анонимни испраќачи на заканувачки пораки
Гордана Дувњак
Петкратното убиство кај скопското село Смиљковци и насилствата предизвикани како реакција на овој трагичен настан, во голема мера ја дестабилизираат земјата и ги нарушуваат меѓуетничките односи, оценуваат експертите. Дел од одговорноста тие ја лоцираат и во политиката што ја води владејачката партија и бараат од надлежните максимално да се ангажираат во разрешување на овој случај, за да не излезат работите од контрола.
Вчера, со ултиматум до Владата се јави извесна „Армија за ослободување на окупираните албански земји“, која директно се закани до премиерот Никола Груевски да се повлече од „окупираните и колонизирани албански земји“, инаку ќе ги нападнеле „славомакедонските полициски и воени структури“.
На ваквата провокација, македонските надлежни органи се' уште молчат. Иако министерката за внатрешни работи Гордана Јанкулоска на вчерашната прес-конференција одржана во МВР неколкупати беше запрашана за писмото и ултиматумот, сепак, не даде коментар.
„Не коментирам се' додека не видиме колкав е кредибилитетот на изворот, а не сме ја виделе ниту содржината на писмото и неговата веродостојност“, изјави Јанкулоска.
Поранешниот министер за полиција и лидер на Демократскиот сојуз, Павле Трајанов, кој е дел од владината коалиција, вчера масакрот го оквалификува како „класичен терористички акт“. Тој смета дека овој настан може да има тешки последици по мирот и стабилноста во државата, па дури дека е потежок и со посериозни последици од обидот за атентат на претседателот Киро Глигоров.
За професорот Љубомир Д. Фрчкоски, бивш шеф на полицијата, убиството на петтемина млади луѓе во околината на Радишани е убиство-провокација.
Тој во својата последна колумна ќе напише: „Ова е најголемиот, огромен, гигантски грев на владеењето на ДПМНЕ во Македонија - да ја доведат земјата до работ на структурна меѓуетничка нестабилност и повторно да изложат се' на ризик“.
Професорката од Факултетот за безбедност, Фросина Ремински-Ташевска, смета дека станува збор за исклучително ризична безбедносна состојба од аспект на провоцирање на внатрешни меѓуетнички тензии кои можат да резултираат со политичка криза.
„Во моментов е потребна голема политичка и граѓанска зрелост и присебност, за непотпаѓање под влијанија кои имаат за цел радикализација на состојбите на меѓуетнички план. Институциите треба да дадат одговор за сторителите и мотивите за преткратното убиство и треба да ги оставиме да го направат тоа“, оценува професорката.
Според неа, најголемата одговорност имаат политичките партии кои треба да влијаат на своето членство и своите симпатизери за неутрализирање на негативниот набој што се генерираше деновиве.
„Политиката што ја води Владата на Груевски се гради на националистичка и конзервативна платформа, што произведува тензични ситуации и нервоза во едно мултиетничко општество како нашето“, заклучува политичкиот аналитичар и долгогодишен пратеник, Исмет Рамадани.
Неговите претпоставки одат во насока на тоа дека последните настани се резултат на, како што вели, надворешни служби кои не сакаат стабилна Македонија, но и пошироко - стабилен Балкан. На инсистирањето да прецизира на кои служби конкретно мисли, Рамадани посочува: „српски“. Тој не верува дека истрагата ќе даде некакви резултати, бидејќи, како што вели, убиствата се изведени многу свирепо, туку и крајно професионално.
Се обидува ли некој да го репризира истото сценарио од 2001?
Според албански портали, генералштабот на организацијата „Армија за ослободување на окупираните албански земји“, која упати ултиматум до владата на Груевски, одржала состанок во Митровица по што ја издала следната закана: „Ја предупредуваме просрпската влада на Никола Груевски, дека има рок од две недели да се повлече од окупираните албански земји, инаку ќе има напади кон славомакедонските полициски и воени структури. Владата на Груевски распределува антиалбанска идеологија и инсценира напади кон невини Албанци. Се блокираат повеќе албански села од страна на славомакедонците и никој од корумпираните политичари во етничката Албанија не реагира, затоа што сите се продадени души и предавници на татковината“ – пишува во соопштението.
Организацијата во исто време упатува и ултиматум до косовската влада да ја среди состојбата на северот од Косово, но ултиматум е упатен и до грчката влада да не си игра со статусот на Чамите, односно албанското малцинство во Епир. Ова не е прво соопштение на оваа организација. И во јануари имало упатено идентично соопштение до грчките власти, кое тогаш наишло на голем одек во грчките медиуми, кои пишуваа дека станува збор за наводно добро организирана екстремистичка група, предводена од извесен Хуштрим од Митровица и дека за неа се заинтересирала и Европа. |