Егејците бараат имоти вредни 10 милијарди евра


Разурнати куќи во Бапчор

Побарано во преговорите за името да се разговара и за македонското малцинство и за имотите на протераните Македонци

Виктор Цветаноски

Имоти вредни над 10 милијарди евра бараат од грчката држава околу 3.500 бегалци од Егејскиот дел на Македонија кои беа присилени да ги напуштат татковите огништа и за цело време не им беше дозволено да се вратат. Поголемиот број некогашни грчки граѓани денес живеат во Република Македонија, а ги има и во Австралија, Канада, Америка, Полска, Романија, Чешка и во други држави каде што беа раселени за време на Граѓанската војна во Грција во 1948 и 1949 година. Поединечните барања се поднесени до Судот за човекови права во Стразбур.

Македонското малцинство во Грција и имотите на протераните Македонци беа некои од прашањата што биле поставени на средбата со посредникот Метју Нимиц и било побарано тие да влезат во пакетот преговори за спорот со името. Ѓорѓи Доневски, претседател на Здружението на Македонците од Егејска Македонија „Незаборав”, е уверен дека грчката држава ќе мора да им ги врати нивните имоти кои морале да ги напуштат и кои им биле конфискувани.

„Ниту едно барање за отштета не е помало од еден милион евра. Само еден Македонец, кој денес живее во Скопје, бара да му се врати имот вреден 176 милиони евра. Кога ја добив жалбата мислев дека направил грешка, но кога ми објасни дека неговиот дедо долго време работел во Америка, дека таму создал големо богатство и со парите купил големи површини земја крај море, се' ми стана јасно. Покрај тоа, во Солун изградил и неколку станбени згради. Очигледно човекот имал визија и знаел дека тоа што го купува подоцна ќе вреди многу”, вели Доневски.


Ѓорѓи Доневски пред грчкиот конзулат во Скопје

Кога ги правеле пресметките за вредноста на земјиштето и куќите што биле присилени да ги напуштат ги зеле предвид најниските цени. Квадратен метар станбена површина во селата го проценуваат на 80 евра, а земјата 50 евра. „До таа цена дојдовме откако видовме колку вреди земјата на брегот на Егејско Море, која се движи околу 250 евра квадрат. Околу 150 евра чини квадрат земја во Воден, Серес, Драма и Кавала. Проценуваме дека во Костурско, каде што имаме најмногу земја, таа вреди околу 50 евра. Тоа е минимална цена, но ако на тоа се додаде дека тој имот 60 години го користел друг и ако на тоа се пресмета закупот, ќе се дојде до многу повисока цена.

До пред две-три години никој од Македонците од Егејскиот дел на Македонија не барал да му се врати имотот. Постојано биле убедувани од македонските власти дека немаат никаква шанса да успеат да добијат нешто и дека не е време за тоа, зашто ќе ги расипат односите со Грција. „Таквиот однос кон нашите имоти влечеше корени уште од времето на бивша Југославија, а се пренесе и по осамостојувањето на Република Македонија. Кога ќе го поставев тоа прашање, постојано ми велеа да причекаме подобри времиња. Поминаа сите рокови, а ние коишто тогаш бевме деца веќе остаревме, па решивме да поднесовме тужба до Судот во Стразбур за да почне Грција да ни ги враќа имотите. Таа ќе мора да ги укине двата дискриминаторски закона кон нас - Македонците од 1982 и 1985 година. Во првиот се вели дека во Грција можат да се вратат само оние граѓани кои се по род Грци, а ја напуштија државата во 1949 година. Малкутемина Македонци кои тогаш се вратија за да живеат таму, уште еднаш беа дискриминирани со друг закон од 1985 во кој се вели дека одземените имоти можат да им се вратат само ако се Грци по род. Така, тие не ги добија имотите и станаа социјални случаи“, објаснува Доневски.


Децата-бегалци кои во 1948 година за време на Граѓанската војна во Грција беа присилени да ги напуштат родните места привремено им беше дозволено да ги посетат своите разурнати домови и да запалат свеќи на гробовите на нивните предци. Остатоци од гробиштата во В’мбел

Македонците - бегалци од Егејска Македонија пред да ги поднесат барањата за враќање на имотите разговарале со претставници на Европската унија и на ОБСЕ во Македонија и со некои невладини организации, како што е Хелсиншкиот комитет, и од сите им било речено дека се во право и оти Грција како членка на Европската унија мора да ги почитува европските конвенции. „Дури и грчки стручњаци од Атина, кои не ги интересира политиката и сегашните односи меѓу двете држави, ни велат дека имаме право да си ги бараме имотите, но за да успееме ни препорачуваат да ангажираме адвокати од други држави. Ние веќе го направивме тоа. Во Стразбур не' застапува познат адвокат, нашата работа во Грција ја брка еден нивен адвокат, а неколкумина наши млади адвокати не' застапуваат овде во Македонија“, вели Доневски, кој е стопроцентно убеден дека судовите ќе пресудат во полза на бегалците.

Проблемот за враќање на имотите го покренале и во институциите на македонската држава. Пред повеќе години испратиле барање до Анкетната комисија за заштита на правата на граѓаните, која во два нејзина мандата расправала повеќе пати. Пред извесно време подготвила и предлог-резолуција и ја доставила до Собранието, но предвремените изборите го пролонгирале нејзиното донесување. Со резолуцијата Собранието ги задолжува владата и соодветните министерства да стапат во контакт со грчките институции за да почне да се решава проблемот со имотите.

„За нашиот проблем прашувавме и претставници на повеќе институции од Европа и сите тие не' охрабруваат да си го бараме нашето право, но инсистираат да бараме и нашата држава да застане зад нас. Ако сега може Бугарија да бара од Турција десет милијарди долари за нешто што се случило пред 100 години во Тракија, зошто да не бараме ние. Верувам дека овој парламент и новата влада ќе најдат сили да ги застапуваат нашите интереси и проблемот со имотите да го постават на повисоко рамниште во односите со Грција. Јасно треба да и' се каже на грчката држава дека некогашните 120.000 нејзини граѓани кои се протерани, од кои половината денес живеат во Македонија, кај нив имаат оставено имоти кои вредат повеќе милијарди евра. Тоа прашање треба да се наметне кога ќе се разговара за името“, бара претседателот на Здружението на бегалците од Егејска Македонија.

Притоа, тој објаснува дека начелен став на нивното здружение е секој да си располага со имотот што ќе го добие. Дали дел од својот имот некој ќе го продаде, дали ќе го дава под закуп или ќе стопанисува со него, секој сам ќе си реши. „Сигурно е дека ние, кои пред 60 години бевме протерани од таму, нема да се откорниме од родните огништа. Внуците ми велат, ако ни се врати имотот, ќе го продадеме, но парите нема да ги донесеме тука, туку ќе купиме место на море и ќе си изградиме викендичка, или пак ќе купиме дуќан или стан во Лерин или во Костур. Јас со моите внуци сигурно нема да одам да живеам во моето родно место Бапчор, кое е избришано од географската карта, кое е во планина, но кое располага со големо шумско богатство. Речиси сите наши потомци размислуваат на ист начин - да си го вратат имотот, да управуваат со него, а ако веќе го продадат со парите да купат друг имот во Грција. Никој не сака засекогаш да се откорнеме оттаму. Можеби некој го сака тоа, но нема да му се оствари таа негова желба. Јас сум убеден и нема дилеми дека ќе си го добиеме она што е наше. Јас тоа го кажувам јавно, бидејќи сум во право, а веќе и се уверив дека ќе си ги добиеме имотите додека ние, некогаш деца- бегалци сега возрасни луѓе , се' уште сме живи“, убеден е Доневски.

Неколкумина бегалци веќе го добиле спорот со Грција и си го вратиле имотот. Доневски подвлекува дека грчката држава правела се' за да не им го врати имотот, повикувајќи се на некавви стари и нелогични закони и спогодби потпишани со Кралска Југославија. Притоа, тоја го посочува случајот како на 75 семејства од селото Дмбени им бил одземен имотот. Претседателот на судот во Костур донесол решение во кое пишувало дека им се експроприра имотот во полза на државата и се отпишуваат од грчко граѓанство поради тоа што тие ја напуштиле Грција илегално, без патна исправа што ја давал надлежен орган. „Тоа наше заминување не беше илегално, тоа беше граѓанска војна, тие што ја загубија мораа да бегаат зашто со тие што ќе останеа тогашниот режим жестоко ќе се пресметаше. Ако не побегнеа некои сигурно ќ�� беа стрелани. Ако веќе на возрасните кои се бореле на страната на Демократската армија им е одземено државјанството, зошто ние, кои бевме деца и кои не сме виновни за ништо, сме отпишани од граѓани на Грција. Таквото образложение Судот во Стразбур ќе го отфрли, бидејќи во член 4 од протоколот на Конвенцијата за човекови права стои, дека ниту една држава не може да протера своите граѓани и не може да спречи да се вратат. Грција, ако сака да биде демократска држава, како што се претставува, мора да ја почитува оваа Конвенција, зашто е членка на ЕУ”, вели Доневски.

Тој како најдобро решение за нивниот проблем го посочува примерот со Шпанија, која исто така имаше граѓанска војна. Диктаторот Франко им подигна заеднички споменик на сите загинати, и од левите и од десните сили, а со тоа изврши помирување. „Тогаш сите шпански граѓани што беа прогонети или побегнаа по поразот на Шпанската граѓанска војна се вратија во родните места. А Грција нас не' дискриминира зашто сме Македонци. Нашето прогонување, или да го наречеме бегство, беше планирано. Има документи од кои може да се види дека уште пред војната се предвидувало 120.000 граѓани од македонска националност да се иселат и никогаш да не се вратат. И ова што го прават сега за да не ни ги вратат нашите имоти е планирано. Ако не' лишат од нив, ние не можеме да се вратиме никогаш“, заклучува Ѓорѓи Доневски.