Мислења

За што загина Оцка?

Гордан Георгиев

Ако за сегашново ДПМНЕ Блаже Конески е „џуџето од Небрегово“ (А. Милошоски), за СДСМ Блаже Конески е џинот од Небрегово

ОЧИ ШИРУМ ОТВОРЕНИ

„Дознавајќи за постоењето партизански одред во близината на Битола, генералот Иван Маринов и обласниот полициски началник Ќурчиев организирале блокада на месноста каде што се наоѓал одредот, т.е. во месноста меѓу селата Буково, Ореово, Лавци и Брусник. Во блокадата биле ангажирани неколку илјади лица, војници, офицери, полицајци и агенти. Обрачот околу одредот на 3 мај веќе бил затворен. Уште во самото утро, одредот ја прифатил нерамната борба. Во борбата, партизаните покажале беспримерна храброст и давале голем отпор. Тогаш загинале Елпида Караманди-Бисера (ранета, потоа убиена), Мара Јосифовска-Ѓурга, Димитар Николовски-Таќи Даскало, Димче Хаџипоповски, Ордан Михајловски-Оцка и Јоска Јордановска-Сандански.

Во знак на сеќавање на оваа нерамна борба, народниот пејач испеал многу жална песна“.

Текстот што го опишува горенаведениот настан, познат како „Трагедијата во Ореовската корија“, случен на 3 мај 1942 година, е преземен од Интернет-страницата на Сојузот на борци - Битола.

Судбината, но и објективните околности на „нерамната борба“ сакале токму тој ден да загине цела плејада млади (прабаба ми понекогаш од тага велела „и наивни и будали“) партизани и партизанки. Судбината сакала во тој одред да се најде и дедо ми Ордан Михајловски-Оцка. Имал 19 години, поет, музичар и партизан. Средното музичко училиште во Прилеп го носи неговото име. Загинал точно седум месеци по нападот на участокот на 11 октомври 1941 година во Прилеп, каде што учествувал и самиот тој.

Цел живот си го поставувам прашањето: како е можно некој на 19 години да отиде во планина, да земе пушка, да биде свесен за животниот ризик што го презема и... и, сепак, да отиде. За помладите кои можеби и не знаат, но и за постарите кои можеби подзаборавиле, сакам да ги потсетам дека периодот од 1941 до 1945 е најсветлиот период во историјата на македонскиот народ. Тоа е период кога Македонците се приклучија на антифашистичката борба и кога самосвесно и сами се изборија за своја држава. Денешната Република Македонија влече директен историски континуитет од настаните пред участокот во Прилеп на 11 октомври 1941 година, од првата пушка во Куманово и многу други знајни и незнајни настани од тој период. Оној што се обидува да го негира или омаловажува овој период покажува неверојатно ниска свест за државноста и самобитноста на македонскиот народ.

И, ајде да расчистиме некои работи. Идеолошката дебата во Македонија се заострува на неочекуван начин. Некои работи за кои само до пред четири години сме мислеле дека се силно врежани во нашата колективна свест сега се негираат или прескокнуваат со директна асистенција на Владата на Република Македонија. На нивно место власта се обидува да наметне некои нови идентитетски политики, некаква хунзи-историја составена набрзина, без релевантна научна дебата и без никаква тактичност. Ваквото создавање инстант-историја го ослабува македонскиот идентитет, не го зајакнува.

Во меѓувреме, живите наследници на антифашистичката борба се ставени на маргините на општеството. Паскокузмановската Влада упорно трага по гробот на Александар, а партизанските гробишта и спомен-обележја зјаат во плевел и заборав. Се прават нови споменици на лавови и шмизли, а бистите на народните херои во Градскиот парк во Скопје некој ги украл, веројатно ја претопил бронзата и ја продал. Е па така не се почитува државата и историјата.

Да бидеме на чисто. СДСМ има намера цврсто да опстои во одбрана на историскиот континуитет на македонската нација и народ. Ние, како и целиот нормален свет, ќе ја славиме антифашистичката борба како една од најголемите придобивки и победи на цивилизираниот свет во 20 век, а особено важна за нашиот народ.

Ние ќе го почитуваме и штитиме македонскиот јазик до последната буква и реч. Тој македонски јазик не е испишан на каменот од Розета, туку е прогласен за официјален на Првото заседание на АСНОМ во 1944 година, а влече континуитет од словенските просветители, па до денес. Ако за сегашново ДПМНЕ Блаже Конески е „џуџето од Небрегово“ (А. Милошоски), за СДСМ Блаже Конески е џинот од Небрегово.

Црквата ја сфаќаме како еден од најважните идентитетски стожери на оваа нација и до крај ќе се бориме црковните великодостојници да не браздат во партиско-политички идентификации. Нека се потсетат истите тие црковни лица дека МПЦ е прогласена за автокефална во „комунистичката“ 1967 година. Нека се потсетат и дека зградата на Архиепископијата и Соборниот храм во Скопје во огромен дел е финансиран од членарината на Сојузот на комунисти на Македонија.

„Гледаме на Црквата како на клучен историски фактор во развивањето и зацврстувањето на македонскиот национален идентитет. Ја гледаме улогата на религијата и на Црквата во контекст на современоста. Затоа, сметаме дека обновувањето и реставрирањето на нашите прекрасни стари цркви и манастири е клучен предизвик за нашата култура. Таквиот однос кон религијата и Црквата ќе покаже пред светот колку сме богати и силни“ (извадок од „Решенија за Македонија“).

Ние ги славиме победите, а не поразите. Ние ги одбележуваме се' уште свежите реминисценции од нашата историја и ќе се држиме за нив како идентитетска котва која не смееме да ја испуштиме од раце. Инаку, отиде бродот од брегот во немирни води.

Има такви кои сакаат да не' спречат да го прославиме овој празник токму во Прилеп. Има такви на кои овој ден не им се совпаѓа со нивното сфаќање на историјата. Има такви што сакаат да ја избришат од сеќавањата сета партизанска борба и сите нејзини дострели. Тоа се истите тие луѓе кои перманентно по сите основи го делат македонскиот народ. Ние сме тука за да се спротивставиме на тоа! И од Прилеп јасно ќе им порачаме дека се сметаме за наследници на сите учесници во НОБ, веруваме и се бориме за остварување и зачувување на нивните идеали за слобода, рамноправност и сувереност. Ние сме партизани! А вие почитувани читатели?

Затоа,Марјане, почитуван градоначалнику на Прилеп, прегледај си ги домашните архиви и потсети се од кое семејство доаѓаш. Ќе видиш дека и твоите домашни биле вклучени во антифашистичката борба. И немој да ги слушаш подземните планови на твојот шеф, кој веќе од очај не знае што прави и панично бега од својот народ и од својот идентитет.

И за крај, да прашам: А зошто сегашново раководство на ДПМНЕ упорно бега од борбата против фашизмот? Да не останала по некоја мува на капата?

Затоа, да немаме дилеми, Ордан Михајловски-Оцка заедно со уште илјадници други негови соборци загинал за да може, денес и тука, во независна Македонија, да живееме во слободата која тие на крвав начин ни ја овозможија. Сите обиди за релативизирање и минимизирање на таквите придобивки недвосмислено ги ставаат таквите негатори од другата страна на барикадите. На поразената, фашистичката страна.

(Авторот е потпретседател на СДСМ)


#