Бугарија не треба „дополнително“ да ги признава Македонците

Од нашиот дописник Тони Гламчевски

Стразбур - Парламентарното собрание на Советот на Европа (ПС на СЕ) го поздрави напредокот на Бугарија од 2000 година до денес, во однос на обврските преземени со членството во Советот на Европа. Но, во резолуцијата беше усвоена на 30 април, сепак, констатира дека „постојат извесен број проблеми и загрижувачки тенденции“ во однос на функционирањето на судскиот систем, борбата против корупцијата и почитувањето на правата на малцинствата. Резолуцијата беше усвоена по дебатата што се водеше во рамките на постмониторинг дијалогот со Бугарија, при што ПС на СЕ изрази жалење што Бугарија, со цел да ги задоволи стриктните рокови за зачленување во ЕУ, изврши само „површни“ реформи, особено реформите во правосудната област и во уставот.

До Бугарија е испратена серија прецизни мерки што треба да ги усвои, а кои прифати да ги направи кога стануваше членка на Советот на Европа, додека од бугарскиот парламент е побарано да одржи дебата за извештајот, кој беше претставен во Стразбур. Во извештајот на украинскиот парламентарец, Серхиј Холовати, ПС на СЕ повторно се задржува на нерешениот случај со регистрацијата на партијата на непризнатото македонското малцинство во Бугарија, ОМО „Илинден“- Пирин и најновиот развој на ситуацијата, откако Комитетот на министрите на Советот на Европа затвори еден од предметите како решен.

Во извештајот уште еднаш е нагласено дека според официјалните податоци, во Бугарија живеат околу 5.000 лица, кои самите се изјасниле како Македонци и дека постојат повеќе извештаи што зборуваат за кршење на правото на слободно собирање и здружување на оваа етничка група. Холовати жали што поради неговата оптоварена програма не успеал да се сретне со претставниците на оваа малцинска група. Тој ја пренесува изјавата на бугарските власти дека од изјаснетите 5.017 лица како Македонци, само 3.109 изјавиле дека македонскиот јазик им е мајчин и со оглед што овие податоци се јавни, бугарските власти немаат потреба да го поддржат тоа со друг акт на „додатно“ признавање!

Според бугарското министерство за надворешни работи, лицата што им припаѓаат на религиозните, јазичните и етничките малцинства, вклучувајќи ги и оние што се сметаат за „Македонци“ (ставено во наводници) ги уживаат сите слободи и права гарантирани за бугарските граѓани, без каква било дискриминација. Во мислењето на Венециската комисија во однос на бугарскиот устав беше изразена загриженост поради можноста да се користат определбите од уставот за да се спречат малцинските јазични, етнички или религиозни групи да се организираат и предложи да се изменат овие уставни определби, со цел тие да бидат помалку категорични и да изразуваат поотворено однесување кон малцинствата, посебно со зборовите што се користат во уставот.

Не случајно во усвоената резолуција на ПС на СЕ се бара од Бугарија да ја потпише и да ја ратификува Европската повелба за регионалните и малцинските јазици, за што бугарските парламентарци побараа нивната земја да биде изземена, на што добија едно категорично „не“ од паневропската асамлеја. Од Софија беше побарано да се погрижи и за подобрување на положбата на малцинствата и за почитување на нивните права, посебно во учењето на нивниот јазик и промовирање на нивната култура и идентитет и фаворизирање на меѓукултурниот дијалог, како и застапеноста на малцинските групи во полицијата и државната администрација на Бугарија.

До Бугарија е испратен и повик да преземе конкретни мерки за фаворизирање на трпеливоста и заемното почитување и да се охрабрат политичарите на примерно однесување во поглед на проблемите поврзани со човековите права и да ги отстранат говорите на омраза и расизам. Постмониторинг дијалогот со Бугарија продолжува, но изнена��ува тоа што македонската парламентарна делегација не учествуваше во дебатата, откако на почетокот на сесијата го „бомбардираше“ комесарот за човекови права, Томас Хамарберг, со прашања за положбата на македонското малцинство во Бугарија и во Грција. Македонските парламентарци во петокот веќе беа отпатувани од Стразбур. Веројатно кога ги резервираа нивните авиобилети, не знаеја дека дебата ќе биде префрлена од четвртокот за во петокот изутрината. Од друга страна, турските парламентарци ги бранеа правата на нивното малцинство во Бугарија, покрај нивните дискусии и со амандмани.


#