26.09.2012, 17:49 Халкидики оаза за македонските политичари
Весникот „Катимерини“ пишува дека Владо Бучковски има вила на вториот крак од полуостровот
Од нашиот дописник Миркица Поповиќ
Атина - Халкидики станува оаза на луксузни вили на политичарите од Русија и Балканот. Една од омилените летни дестинации на нашите граѓани, според грчкиот весник „Катимерини“, е веќе топ дестинација за некои од политичарите од Македонија и од поширокиот регион. Според весникот, поранешниот премиер Владо Бучковски е сопственик на вила во Неос Мармарас, на вториот крак на Халкидики. Покрај Бучковски весникот го споменува и бугарскиот претседател Росен Плевнелиев, кој наводно има летна куќа во Уранополи, на третиот крак на Халкидики, како и некои политичари од Србија и Албанија.
Во Македонија од поодамна има непотврдени информации дека Бучковски поседува стан во Грција. Покрај поранешниот премиер се шпекулира и со имињата на градоначалникот на Центар, Владимир Тодоровиќ, за кој се споменува дека има стан во близина на Катерини, газдата на „Телекабел“, а неофицијално се споменуваше и името на професорот Саво Климовски. Постојат шпекулации дека покрај политичарите и голем дел од граѓаните имаат станови во Солун, Халкидики или други делови низ Грција. „Утрински“ минатата година пренесе дека поради кризата и намалување на цената на недвижностите во Грција, но и промената и олеснување на законскиот правилник за продавање имот на лица кои не се од ЕУ, се појавил интерес и кај политичарите и кај обичните граѓани за купување станови во Грција. Уште лани постоеја шпекулации дека познат бизнисмен и градоначалник купил вила во Платамона за над 400.000 евра, дека поранешен градоначалник има свој апартман во Пефкохори, како и тоа дека бизнисмени и адвокати купиле градежно земјиште со цел да изградат од темел нови вили покрај море. Огласи за продажба на недвижнини во Грција се појавија од лани и во туристичките агенции во Скопје. На продажба во нашите агенции имало и луксузни вили за 540.000 евра, а цените за квадрат на ваквите вили се проценуваше дека се и до 2.000 евра на популарните туристички дестинации на Халкидики. Во Грција од 2009 година банките почнаа да даваат кредити и на странски државјани, со тоа што кредитите за граѓани од ЕУ се движеа до 80 отсто од вкупната вредност на станот, а за граѓани надвор од ЕУ кредитот достигнуваше до 70 отсто од вкупната вредност.
Весникот ги споменува и имињата на националистот Владимир Жириновски, бизнисменот Сергеј Федоров и голем број други, потенцирајќи дека нема точна бројка колку руски бизнисмени и политичари имаат вили на трите краци. Руски бизнисмени купиле и голем хотелски комплекс во Потидеа, како и дека заедно со грчка компанија градат комплекс на Паљури. Според податоците, до сега осум до десет хотели преминале во руски раце. Весникот посочува дека туристичките работници се соочени со фактот дека туризмот и голем дел од економијата во Северна Грција се одржуваат благодарение на огромниот број на туристи, инвеститори и бизнисмени од Русија и Балканот. |