Винска култура, вински туризам
Драгољуб Марковски, Кутина
„Утрински весник“ од 16 јули пренесе скромно подготвена вест на МИА под наслов „Винарите бараат развој на винскиот туризам“. За жал, и самата вест не влева оптимизам. Би се обложил дека една анкета меѓу граѓаните, па и кај винарите, би покажала оти под вински туризам - речено „оголено“ - се подразбира начин, пред се', на гостите од странство, да им се продаде што поголемо количество вино. Тоа би била наивна и не многу коректна мисла, при што најмалку во прашање е квалитетот на македонското вино.
Во еден „сеопфатен“ поглед на винскиот туризам се констатира дека природата на винарската индустрија води кон нејзиното соединување со туризмот. Иако винскиот туризам, несомнено, е најкорисен токму за винарската индустрија, негови многубројни видови знаат да бидат изненадувачки. Илустрација за ова е посетата на група црковни луѓе на една винарска визба на Нов Зеланд. Тие веднаш на водачот му кажале оти не пијат вино, но дека ги интересира како тоа се прави. Јасно е дека и од вакви гости туризмот има корист, од ноќевање до купување сувенири.
Се надевам дека „Утрински весник“ ќе најде мотив да и посвети внимание на оваа современа и мошне корисна и интересна дејност. Па, и да посочи во која насока треба да се чекори во развојот на винскиот туризам во Македонија. Од мое гледиште, прво би требало револуционерно да се подобри винската култура, односно знаењата за виното – кај граѓаните, продавачите, угостителските и туристичките работници, луѓето од власта, царината итн. Со култура на виното под рака оди потрошувачката, која е сега во Македонија на бедно ниво - 8 литри на жител, додека кај развиените туристички земји е повеќе пати поголема (во Франција 55 литри, Италија 48, Португалија 47, Словенија 44 литри). Со исполнувањето на наведените услови, на туристите од странство веќе по првата комуникација со граѓаните во земјава, ќе им биде јасно дека се дојдени во царска земја на виното.
Повод за веста на МИА е неодамнешната посета на македонските винари на Баварија, Германија. Како „став на винарските визби“ МИА наведува и дека „квалитетот на македонските вина не заостанува во однос на германските вина“. Машала! Ова е несериозна констатација, односно коментар кој само може да му наштети на македонското винарство.
За да биде појасно, ова тврдење не се потпира на ништо (каде и од кого се споредувани германските и македонските вина?). Или вака: дали на „авторите“им е познато колку е долга историјата на винарството во Германија, за кое се знаело и во време на Цезар, во 3 век. Дали тие знаат дека долината на Рајна дава фантастични и скапоцени бели вина, каков е рајнскиот ризлинг? Па, да Германија произведува повеќе од 14 милиони хектолитри вино (на девето место во светот), од кои 2,7 милиони хектолитри извозува. На која ниво е нивното винарство зборува и фактот дека во меѓународната стручна јавност одамна се прифатени бројни германски термини, како шпетлезе (доцна берба), ауслезе (изборна берба), или ајсвајн (ледено вино).
Вистина е дека по потрошувачката на вино Германија не е во врвот (25 литри по жител). Тоа се објаснува со големата традиција во производство и потрошувачка на пиво. Најмногу во Баварија, да потсетам, покраината која ја посетиле македонските винари.
|