Бугарката Ирина Бокова на чело на УНЕСКО

Таа истовремено е и прва жена-претставник на една земја од поранешниот источен блок во ОН

Од нашиот дописник
Тони Гламчевски

Париз - Извршниот совет на УНЕСКО, наспроти предвидувањата, ја избра Бугарката Ирина Бокова за генерална директорка на УНЕСКО. Таа истовремено е и прва жена-претставник на една земја од поранешниот источен блок, која доаѓа на чело на организацијата на Обединетите нации задолжена за културата, науката, образованието и наследството.

За да биде избрана беа потребни пет круга на гласање, во четвртиот таа и нејзиниот директен противкандидат контроверзниот египетски министер за култура, Фарук Хосни, добија ист број гласови. Но, по повлекувањето на Австријката Бенито Ферера Валденер, еврокомесарката за надворешна политика, по третиот круг гласање, јасно беше дека Бокова има шанси да победи. На последното гласање таа доби 31 глас, додека фаворитот, 71-годишниот египетски министер за култура, Фарук Хосни, освои 27 гласа.

Египетските интелектуалци посочија дека изборот на Бугарката Ирина Бокова за директорка на УНЕСКО пред кандидатот од Египет бил помогнат од „еврејското лоби“, пренесоа некои агенции.

Но, веднаш по изборот Бокова му подаде рака на муслиманскиот арапски свет, кој смета дека на нејзино место требаше да се најде Фарук Хосни.

„Сакам да го поздравам Фарук Хосни, министерот за култура на Египет, за кој чувствувам многу пријателство и многу почит, како и за сите други кандидати“, нагласувајќи дека изборот не го смета за војна или за битка на едни против други. Својата програма како генерална директорка на УНЕСКО, Бокова ја стави под знакот на „новиот хуманизам за ХХI век“.

Подавањето рака кон муслиманскиот свет од страна на новата директорка на УНЕСКО не е случајно, Фарук Хосни беше поддржан од Африканската унија и Арапската лига, денес претставниците на овие организации сметаат дека УНЕСКО отстапил од договореното и се' било направено за еден муслиман да не се најде на чело на оваа организација. Но, неговите изјави дека сака да ги изгори книгите на еврејски јазик во египетските библиотеки, дадена пред една година, му ја залепија етикетата за антисемитизам. Невладините организации и интелектуалци се мобилизираа против него, додека Репортери без граници го обвинија дека е виновен и за недоволното слобода на печатот во Египет. За да се извади од нападите, тој тврдеше дека неговите изјави беа извадени од контекстот и оти ги обновил синагогите во Египет. Но, неговите извинувања очигледно не беа доволни, затоа и горчината во Каиро, кој сметаше дека местото во Париз му е гарантирано. Во оваа полемика европските престолнини официјално не зазедоа позиција.

Педесет и седумгодишната Ирина Бокова е актуелна амбасадорка на Бугарија во Франција, Монако и во УНЕСКО, поранешна комунистка и дипломат од кариера, таа е убедена приврзаничка на европската конструкција. Таа во Париз е испратена како кадар на бугарската социјалистичка партија, сега во опозиција, каде што е една од најпопуларните членови. Нејзиниот татко Георги Боков беше главен уредник на поранешниот орган на Комунистичката партија на Бугарија „Работническо дело“, и како што на времето се практикуваше за „добро ситуираната“ младина, Ирина студираше во Москва на државниот институтот за меѓународни односи. Како и многу припадници на младата комунистичка номенклатура, така и таа се усовршува пред и по падот на комунизмот во 1989 година во САД, на универзитетот во Мериленд и на Харвард и студираше економија на владината школа Џон Ф. Кенеди. Ирина Бокова беше вицепремиерка на бугарската влада и координаторка на односите со ЕУ од 1995 до 1997 година, пред да стане за неколку месеци шефица на бугарската дипломатија од ноември 1996 до февруари 1997 година. Со овие функции, таа беше една од пионерите на бугарското членство во Европската унија во 2007 година.

Таа беше несреќен кандидат за вицепретседател на Бугарија зад Иван Мазов, поразен од кандидатот на десницата Петар Стојанов.

Ирина Бокова двапати беше избрана за пратеничка, од 1990 до 1991 и од 2001 до 2005 година, кога беше вицепретседателка на Комисијата за надворешна политика и член на Комисијата за европска интеграција.

Од 2007 година таа е постојан претставник на Бугарија во УНЕСКО и течно зборува англиски, француски и руски јазик.


#