Пробиен најдолгиот тунел на светот

Швајцарските инженери вчера ги урнаа последните карпи за да го комплетираат пробивањето на најдолгиот транспортен тунел во светот. Двата краја на железнички тунел „Готард“, долг 57 километри, се сретнаа по 14 години градежни работи. Настанот беше емитуван во живо на швајцарската телевизија и го следеа министрите за транспорт низ Европа. Тунелот се очекува да биде отворен за сообраќај во 2017 година, со што ќе се намали времето за патување меѓу Цирих и Милано. Со проектот вреден 10,3 милијарди долари ќе се овозможи дневно под Алпите да минуваат 300 воза, со брзина од 250 километри на час.

Во историската акција за пробивање на најдолгиот тунел на светот учествуваат и македонски државјани.

Охриѓанецот Горан Ангелески кој е на привремена работа во Швајцарија за агенцијата Инпрес вели дека ова е вистинско чудо, особено моќта и силата на џиновската машина „Сиси“ со која вчера се ископа последниот метар.

Од вчера на ѕидовите од тунелот се вее и македонското знаме.


#