УЈП во поход по парите, А1 не се предава

Обвинителството смета дека телевизијата затаила само 124 милиони денари, или 2 милиона евра, а УЈП побарува од неа шест милиони евра
Љубиша Станковиќ
Деновиве истекува рокот што и' го определи Управата за јавни приходи на А1 телевизија за плаќање на данокот. Дали телевизијата ќе ги пронајде бараните милионски суми или ќе дојде до присилна наплата на сите средства што ги има оваа компанија на својата замрзната сметка, ќе се знае наскоро. Дотогаш сите опции за разврска се отворени.
Како што пишувавме, сметката на А1 веќе половина година е блокирана со судско решение. Но, кон средината на април годинава УЈП донесе решение со кое бара наплата на средства изразени во милиони евра. Имено, на државен орган, каков што е УЈП, не му пречела актуелната кривичната постапка што се води против сопственикот на А1 телевизија, Велија Рамковски, да појде во наплата на данокот што го побарува.
За Кривичниот суд, во кој им се суди на првите луѓе на телевизијата, е неспорен делот што се однесува на блокираната сметка и на судската постапка што се води во овој суд, но оттаму појаснуваат дека тие немаат ништо со решението што ја изрекло УЈП.
„Кривичната постапка не ја исклучува постапката што се однесува на наплата на средства, што на име затаен данок ги побарува УЈП. Овој орган донел своја одлука, со која, најверојатно, ќе изврши присилна наплата на средства од сметката на телевизијата“, велат официјални извори од скопскиот Кривичен суд и потврдуваат дека тој дел од постапката не е во нивна, туку во ингеренција на Јавното обвинителство.
Дали од А1 телевизија ќе бидат наплатени сите средства што се на име на телевизијата, а доколку тие не се во висина на бараното, ќе се пристапи и на заплена на други материјални добра, е работа на инспекторите од УЈП, но она што се наметнува како проблем е - како натаму ќе функционира телевизијата.
И додека бранителите на Рамковски се на мислење дека до наплата на пари од блокирана и празна сметка не може да дојде, од Јавното обвинителство излегуваат со тврдење дека во рамките на нивните надлежности редовно се следи салдото не само на А1 телевизија, туку и на сите други фирми од „Перо Наков“, кои се осомничуваат за затајување данок.
„Точно е дека постоеја некои уплатувања на сметката на телевизијата, како што е точно дека Обвинителството ја осомничува за многу помал износ од оној што го пријавува Управата за јавни, но тоа е сосема нормална работа“, вели јавната обвинителка Гордана Ѓешкоска.
Според нашите сознанија, Обвинителството побарува 124 милиони денари, или близу два милиона евра од А1 телевизија, но во исто време УЈП „фактурирала“ тројно повеќе.
Како што сега стојат работите, познавачите стравуваат дека тенденцијата е да се отвори стечајна постапка и да дојде до ликвидација на А1. Што навистина планира УЈП, до затворањето на весникот не успеавме да дознаеме, и покрај тоа што до нив, како што самите побараа, поставивме прашање по електронски пат.
Колегите од А1 телевизија се затечени од случувањата што се однесуваат на нивната куќа. Како што вели главниот и одговорен уредник, Младен Чадиковски, тие планираат да водат битка по институционален пат и да ја одбранат телевизијата, која во етерот зрачи повеќе од 18 години. |