04.10.2012, 17:43 Интервју - „Карфур“ ќе ги урива цените на пазарот
„Ќе извезуваме македонско овошје и зеленчук во сите наши маркети низ светот“, вели Кристијан Шарита, извршен директор на „Карфур“ - Бугарија
Сања Наумовска
Уште пред неколку години „Карфур“ најави дека планира да влезе на пазарот во Македонија. Зошто се откажавте тогаш?
Никогаш не сме кажале дека се откажуваме од Македонија, туку работевме на нашето влегување на македонскиот пазар. Тоа и тогаш и сега беше дел од нашиот план за експанзија на Балканот. Дури и предвреме ги завршивме подготовките. Во план ни беше „Карфур“ да влезе како дел од некој поголем трговски центар и еве, се отвори „Скопје сити мол“ и се отвори „Карфур“.
Во меѓувреме се повлековте од Грција и од неколку други пазари. Сега, кога Европа се соочува со рецесија, донесовте одлука за инвестиција во Македонија, земја со релативно мал пазар. Кои се вашите очекувања?
Сепак, брендот „Карфур“ не се повлече целосно од Грција, остануваме таму и продолжуваме со ширењето во оваа земја. Секако, во нашите стратегии за настап на пазарот, следејќи ја вкупната состојба во светот, има земји каде што економијата е во криза и од каде што „Карфур“ донесе одлука да се повлече, а во некои земји само се намалуваат активностите. Од друга страна, донесовме стратешки одлуки за влегување на пазарите во нови земји, како нивен партнер. Тоа се земји кои се во развој. Во денешно време не можеме да зборуваме за мали земји или мали пазари. Има земји кои покажуваат раст и кои се во развој и особено земји кои покажуваат потенцијал и што имаат купувачи што знаат што сакаат и имаат високи барања. Македонија е таков пример.
Во последно време се регистрира пад на потрошувачката моќ на граѓаните како резултат на секојдневниот раст на цените. Ве обесхрабрува ли тоа пред самиот старт на работата во Македонија?
Воопшто не. На секој пазар настапуваме храбро. Ние сме мотивирани. И во Македонија не доаѓаме демотивирани и обесхрабрени. Кризата е насекаде во светот, но не зборуваме за обесхрабреност. Целта ни е да ги најдеме начините да ги натераме клиентите да дојдат кај нас во „Карфур“, а од друга страна и да ја зајакнеме потрошувачката моќ на купувачите. „Карфур“ е дисконтна продавница со ниски цени и ќе го докажеме тоа. Имаме намера да бидеме лидер од аспект на цените, особено на производите за секојдневна потрошувачка, пред се' прехранбените производи. Влезот на „Карфур“ на македонскиот пазар ќе предизвика пад на цените на пазарот за 10 проценти. Тоа е последица при секое влегување на „Карфур“ во некоја земја, тоа е начинот на кој ние влијаеме на новите пазари.
Во Македонија има голема конкуренција од домашни и странски синџири на супермаркети. Како планирате да се наметнете пред потрошувачите?
Ја почитуваме конкуренцијата, има компании кои многу добро работат и кои се долго присутни во Македонија. Намерата ни е дел од нивните купувачи да ги привлечеме кај нас. Тоа ќе го постигнеме првенствено со широкиот асортиман, квалитетот, услугата, и она што не' прави различни од другите - ниските цени.
Се чувствува ли кризата врз бизнисот на „Карфур“?
Кризата ги погодува сите без разлика во кој сегмент работат. Нашиот одговор е во зајакнување на нашиот концепт „се' под еден покрив“. Широк асортиман и голем избор. Тоа значи дека кај нас има избор за сите, имаме понуда за купувачите со слаба куповна моќ, за средната класа и за оние потрошувачи со подлабок џеб. Го разработуваме пристапот со различни ценовни групи, како и со различни брендови. Концептот на продавници од типот на „Карфур“, значи супермаркетите и хипермаркетите да ги има во близина на купувачот и тие да бидат неговиот избор. Значи „се' под еден покрив“, а сето тоа многу блиску до купувачот.
Планирате ли нови инвестиции во Македонија?
Да, имаме план за експанзија во Македонија. Во план е да отвориме уште еден хипермаркет и еден супермаркет во Скопје. Во иднина ќе има и инвестиции и во другите градови со цел да станеме лидер на пазарот. Планираме да станеме важен економски фактор во земјата, затоа што инвестираме, отвораме работни места, а сега откривме и дека можеме да извезуваме производи од Македонија. Овде најдовме производи со одличен квалитет, како овошјето и зеленчукот. Планираме да ги извезуваме во многу земји и ќе се продаваат во маркетите на „Карфур“.
Значи, идејата не ни е само да влеземе на пазарот и да го направиме бизнисот успешен. Секако тоа е дел од целта, но долгорочниот план ни е да бидеме економски партнер со индустријата, со земјоделството, како и со државните институции. Тоа е нашата насока за чекорење напред.
Колкава ќе биде вашата инвестиција во Македонија?
Нема да зборувам за бројки, но имаме буџет со планирани средства за инвестиција во Македонија и за во иднина.
Какво е вашето искуство од можностите за инвестирање во Македонија?
Ова е динамична земја со претприемачки дух. Се потврди речиси се' што ни беше кажано за отворањето бизнис во Македонија. Луѓето кои ги донесуваат решенијата се свртени кон развојот и имаат иницијатива. Македонија е земја во развој и со потенцијал, економските индикатори го покажуваат тоа. Таков е и впечатокот на „Карфур“ и тоа е преточено во нашите планови за експанзија. Тоа се гледа и по брендовите кои дојдоа во „Скопје сити мол“, кои се индикатор дека земјата е во раст.
|