20.09.2012, 15:22
„Дуна iStore“ изработен по дизајн на „Епл“



Во Градскиот трговски центар во Скопје денеска се отвори новиот продажен салон на „Дуна“ за производите „Епл“. Новиот салон на „Дуна“ - „iStore“ е сместен во приземјето на ГТЦ, кое се смета за едно од најпопуларните места за купување во Скопје.

На отворањето на новата продавница присуствуваше и министерот за информатичко општество и администрација Иво Ивановски. Според него, во „Duna iStore“ се нудат производи од последниот збор на технологијата и новиот салон е потврда дека Македонија има развиено информатичко општество. „Побарувачката на граѓаните е еден од реперите коишто ’Епл‘ или која било друга компанија го имаат предвид пред да донесат одлука за дистрибуирање производи“, посочи Ивановски.

На денот на отворањето, „Дуна“ понуди 10 отсто попуст за сите производи што можат да се купат во продажниот салон. Воедно, „Дуна“ обезбеди 50 отсто попуст на првите 10 продадени „ајпад“ модели со 16 гигабајти флеш-меморија и безжична поврзливост.

На површина од 85 квадратни метри, посетителите имаат можност да погледнат и да тестираат голем број производи на „Епл“, вклучувајќи ги најновите модели на компјутерите „Мекинтош“ - „ајпод“, „ајпад“ и „ајфон“. Во богатата понуда на „iStore“ има и голем број додатоци, кои совршено им прилегаат на производите на „Епл“, како што се светски познатите брендови Belkin, Sennheiser, AKG, JBL, Harman Kardon и многу други. Обучениот персонал ќе им понуди на посетителите извонредно искуство, бесплатни совети за користење, демонстрација на производите и техничка поддршка.

По речиси 6 години откако прв пат го претстави „Епл“ во Македонија, Дуна повторно вложува во креирање уникатно доживување при посета на продажен салон за „Епл“. Новиот салон е целосно изработен по дизајн на „Епл“ и обезбедува потполно еднакво искуство како и секој „Епл“ Premium Reseller низ светот. „Дуна“ е единствен овластен увозник, дистрибутер и сервисен центар за „Епл“ за Македонија. (Н.Б.)