Атина го слушна Фрчкоски
Грција покани македонски професор да одржи предавање во Атина за спорот околу името
Професорот на Правниот факултет и познат колумнист Љубомир Фрчкоски е првиот универзитетски професор од Македонија кој неодамна беше поканет да одржи предавање на престижниот универзитет „Пантео“ во Атина.
Предавањето помина речиси незабележано во македонската јавност, иако во контекст на грчко-македонскиот спор за името е со исклучителна важност.
Фрчкоски вели дека поканата дошла од шефовите на катедрите по политички науки и историја и за филозофија, кои биле негови домаќини при целиот престој во Атина.
Предавањето траело два часа. „Ни мува не можеше да пролета од тишината што беше присутна за време на изложувањето на моите тези“, вели Фрчкоски.
Фрчкоски вели дека за време на двочасовниот настап се навратил на карактерот на судирот меѓу Македонија и Грција, говорејќи дека тој не се однесува на реалните политички односи меѓу двете земји, туку произлегува од поимот „македонски“ и од симболите на овој поим, како и за тоа кој ја контролира, вели Фрчкоски, историјата.
Станува збор за дебалансиран судир, оценил македонскиот професор, бидејќи како што рекол Грција никогаш не преговарала директно со Македонија, туку со посредници. Фрчкоски рекол дека негативната енергија на Грција кон Македонија произлегува и од фактот што македонската држава почива на сосема поинакви основи од грчката.
„Ние сме мултиетничко општество со признавање на разликите, додека Грција гради центристичко и етнички хомогено општество. Доколку Македонија успее како држава, со таква внатрешна поставеност, тоа ќе значи дека грчкиот модел не е добар“, пренесува Фрчкоски дел од неговите тези при настапот во Атина.
Фрчкоски вели и дека им рекол на слушателите во амфитеатарот, меѓу кои имало и дипломати ,како и претставници на македонската амбасада во Атина, дека Грција формално преговара додека всушност целта и' е да ги одлага преговорите.
Предавањето поминало мирно, иако пред доаѓањето на Фрчкоски се активирала десничарската студентска организација, која делела летоци против доаѓањето на гостинот од Македонија. „Зборував на македонски јазик, а нивна обврска беше да обезбедат превод за присутните“, вели Фрчкоски.
„Во Грција има еден круг луѓе коишто не' поддржуваат, но ние не можеме да допреме до нив, бидејќи се ’покриени’ со ’слоеви’ од политичари и новинари“, оцени Фрчкоски по враќањето во Македонија. „Тоа беше една експлозија на релаксација придружена со огромен интерес за настапот“, ја пренесува тој атмосферата од грчката престолнина. (С.К.) |