Младите излегуваат од факултет неспремни за работа

Сите мора да се фокусираат на создавање подобро квалификувани кадри

Невработеноста на младите е еден од најголемите предизвици со кои се соочува нашата држава. Покрај високата стапка на невработеност кај младите, проблематичен е и фактот дека многу малку се вложува во професионалното насочување на младите во средните училишта, но и на универзитетите. Дипломираните студенти излегуваат од универзитетите без соодветни квалификации за пазарот на труд. Државата заедно со бизнис-секторот и со академскиот сектор мора повеќе да се фокусираат на создавање подобро квалификувани кадри со подобро развиено чувство и волја за претприемаштво, беше истакнато на вчерашната конференција „Борба против невработеноста на младите“ во организација на Европската бизнис-асоцијација и фондацијата „Фридрих Еберт Штифтунг“.

Специјалниот претставник на ЕУ во Македонија, Ерван Фуере, истакна дека проблемот со невработеноста на младите е се' повеќе присутен во Европа. Според Фуере, критичната ситуација со големата невработеност на младите во Македонија бара засилена соработка на бизнис-заедницата и на академската заедница со Владата. Сепак, најголемите иницијативи и одговорност треба да ги има Владата, како страна што ги носи најголемите одлуки. „Од витално значење за подобрување на состојбата на пазарот на трудот е и солидното образование. Затоа сметаме дека Владата треба да се фокусира на ова и да не го намали буџетот, како што, за жал, е направено во 2010 година“, изјави Фуере.

Професорот на Машинскиот факултет и директор на Бизнис-старт-ап центарот, Радмил Поленаковиќ, смета дека излез од ситуацијата со невработеноста може да биде наглото влегување странски директни инвестиции или, пак, преку поттикнување клима за започнување мали бизниси. Негов став е дека младите се' повеќе губат желба за работа или, пак, се повеќе заинтересирани да работат за некого отколку да почнат сопствен бизнис. Поленаковиќ предлага потемелна едукација за претприемаштвото во основните и во средните училишта, за кај младите уште од рана возраст да се развива и да се негува чувството за сопствен бизнис. „Обука и мотивирање се двете основни работи што треба да им се овозможат на младите. Универзитетите треба да почнат да ја играат улогата на институции што нудат работа и креираат работни места според она што им го предаваат на студентите“, објасни Поленаковиќ. Со него се согласува и Небојша Симиќ од Бизнис-старт-ап центарот од Крагуевац, кој посочува дека самовработувањето во Србија се смета за важен метод за решавање на прашањето на растечката невработеност.

Анализите на Агенцијата за вработување, но и искуството на работодавачите е дека огромен број од дипломираните студенти ги немаат соодветните квалификации да одговорат на барањата на пазарот на труд. Кај нас проблем е и лошото кариерно советување во средните училишта. Засега една од ретките иницијативи за подобрување на ситуацијата со професионалната определба на матурантите е на Високата школа за новинарство и бизнис-академијата Смилевски.

Според последната анализа на Агенцијата за вработување, се очекува 50 отсто од новите вработувања на младите да бидат во преработувачката индустрија, трговијата и градежништвото. Најмногу работни места ќе има за лицата со средно образование, а младите најмногу се интересираат за професиите информатичар, програмери, градежен и машински инженер, архитект, фармаколог, економист и правник.

На конференцијата изостанаа претставници од Владата, иако беа поканети министрите за образование и труд и за социјална политика. (М.П.)


#