Тивко замина спикерот што пушташе музика

Поранешниот претседател на Собранието, Љупчо Јордановски имаше сон Македонија да биде космополитска држава

Оливера Војновска


Поранешниот претседател на Собранието, Љупчо Јордановски, човекот со богата политичка и професионална кариера, кој имаше сон „Македонија да биде космополитска држава, во која сите ќе се чувствуваме рамноправни и ослободени од фрустрациите дека некој некому дава или одзема права“, тивко си замина. На една од скопските клиники, каде што завчера доцна попладнето бил во посета на близок член од семејството, одненадеж му се слошило. Лекарите се обидувале повеќе од еден час да го реанимираат 57-годишниот професор од Сеизмолошката опсерваторија на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“. Но, за жал, не успеале да го спасат. И како една неверојатна коинциденција, само неколку часа откако почина докторот по земјотресно инженерство, Скопје го потресе земјотрес!

Политичарот, кој не робуваше на шаблоните и на клишеата, типични за нашите македонски услови, кој во парламентот пушташе музика, повикуваше „да го ослободиме нашиот ум од националромантизмот“ и пресмета дека за тоа ќе ни бидат потребни од 10 до 15 години, вчера на неговата комеморација во Собранието ги собра најголемите политички противници. Додека спикерот Трајко Вељаноски му оддаваше признание за големиот влог во изградбата на парламентарната демократија, во првиот ред на пленарната сала заедно со членовите на потесното семејство со внимание ја следеа комеморацијата: претседателот Ѓорѓе Иванов и поранешниот претседател Бранко Црвенковски, премиерот Никола Груевски и тројцата експремиери Љупчо Георгиевски, Владо Бучковски и Хари Костов, како и поранешните спикери Стојан Андов, Тито Петковски и Никола Поповски. Освен актуелните пратеници, на комеморативната седница дојдоа и поранешни парламентарци, колеги на Јордановски и од власта и од опозицијата. Со оние исти колеги со кои пиеше кафе и муабетеше и кога беше шеф на парламентот.

На новинарите им велеше дека оваа работа ја сфаќа како секоја друга.

„Утре нема да бидам претседател на Собранието, не мислам дека функцијата треба да ме оддалечи од пријателите и од колегите“. Тој ќе остане запаметен како претседател на парламентот, кој во негов препознатлив стил кажа: „сезаме отвори се“ и за прв пат ги отвори портите на Собранието за граѓаните.

Јордановски себеси се сметаше за „необичен политичар, а обичен семеен човек“. Онака неконвенционален и непосреден, тој своевремено со пратениците сподели една интимна тајна и со омилената песна на неговата сопруга „Една година љубов“ од култниот филм „Високи потпетици“, на шпанскиот режисер Педро Алмодовар, му го честиташе роденденот на пратеникот од ДУИ, Ејуп Рустеми.

На вчерашната комеморација во Собранието, спикерот Вељаноски, изразувајќи им сочувство на сопругата Соња и на трите деца рече дека „зад него остануваат неговите дела, како на полето на земјотресно инженерство и инженерска сеизмологија, така и во политичкиот живот на независна и самостојна Македонија“.

„Оние што добро го познаваат Љупчо Јордановски, ќе кажат дека тој беше пред се' упорен, принципиелен и чесен човек и политичар, кој цврсто веруваше во демократијата, во неприкосновеноста на човековите права и слободи и во европската иднина на Македонија, можеби на моменти и неконвенционален“, ќе каже Вељаноски.

Во оваа пригода тој ќе потсети на една изјава на Јорданоски од пред повеќе од седум години: „Приклучувањето кон Европската унија е долгорочна задача, која не припаѓа само на една влада“. Притоа додаде дека токму во време на неговиот мандат како претседател на Собранието, Македонија го доби кандидатскиот статусот.

„Добро знаејќи ја улогата и одговорноста на парламентот во процесот на хармонизација со евро��ското законодавство, Љупчо Јордановски посветуваше особено внимание токму на овие задачи“, рече Вељаноски. Притоа напомена дека Јордановски како претседател на Собранието, целиот свој интелектуален и политички капацитет го насочил кон развој на парламентарната демократија, како и остварувањето на визијата за граѓаните на Македонија за евроатлантски интеграции. Тој уште кажа дека идејата за нов Деловник, Декларацијата за воведување на е-парламент, периодичните извештаи за работа на Собранието се дел од проектите, кои своевремено ги иницираше Јордановски.

Во биографијата на Јордановски е запишано дека е роден на 13 февруари во Штип, а основно и средно училиште завршил во Скопје, каде што во гимназијата „Јосип Броз Тито“ бил првенец на генерацијата. Електротехнички и математички факултет завршил на Загрепскиот универзитет, а докторската дисертација на Катедрата за градежништво на Универзитетот во Јужна Калифорнија, Лос Анџелес, Калифорнија, САД.

Во богатата академска кариера, Јордановски од 1998 до 2003 година беше редовен професор при Сеизмолошката опсерваторија на Институтот за физика при Природно математичкиот факултет, а од 1993 до 1999 на Рударско-металуршкиот факултет во Штип. Како меѓународно признат експерт по земјотресно инженерство и сеизмологија престојувал и учествувал во санирањето на последиците од земјотресите во Мексико Сити, во Иран и на други места низ светот. Член е на Меѓународната група на експерти што подготвија изосеизмички мапи и бази на податоци за силните земјотреси. Беше и визитинг професор на Универзитетот „Јужна Калифорнија“ во САД.

Јордановски беше активен и на политичката сцена во последниве 20 години.

Од 1991 до 1995 е член на Претседателството на СДСМ, во наредните четири години член на Централниот одбор на таа партија, а од 1999 до 2003 повторно член на Претседателството. Од 2007 година е претседател на Партијата на слободни демократи. На парламентарните избори во 2002 година е избран за пратеник, а на 18 ноември 2003 за претседател на Собранието. По трагичната смрт на претседателот Борис Трајковски ја вршеше функцијата претседател на Македонија. Од 2007 година е на чело на Партијата на слободни демократи.

Јордановски кратко време (летото 2006 година) беше и амбасадор во САД. Пред да замине во Вашингтон, на сите пратеници за спомен им подари МП3 „Диџеј Президент“, со околу 1.000 музички нумери: класична музика, евергрини, но и староградски македонски песни. Токму пред заминувањето за САД го доби и најголемото признание од своите сопартијци, кога на предизборниот митинг на СДСМ на Градскиот стадион во Скопје го поздравија со овации. А, тој, преплавен од емоции, знаеше да им покаже колку многу се радува.






#