СДСМ отвора скандал со таткото на Милошоски
СДСМ бара Обвинителството да го испита скандалот со Здружението на возачи во Кичево
Пратеничката Весна Бендевска од СДСМ вчера побара од јавниот обвинител Љупчо Шврговски да го испита „скандалот со криминал во Здружението на возачи во општина Кичево“, во кој, според неа, е инволвиран таткото на шефот на дипломатијата, Антонио Милошоски. Министерот за надворешни работи, инаку, вчера беше главна атракција во парламентот. Милошоски поради повредата на ногата, на седницата за пратенички прашања, пристигна со помош на патерици. За да може да седне и да ја следи седницата му донесоа уште една столица, на која ја стави повредената нога. Целата таа церемонија предизвика внимание меѓу пратениците и новинарите на собраниската галерија. Додека Бендевска говореше за случајот со татко му, Милошоски внимателно ја слушаше, контролирајќи се да не покаже никаква реакција.
Бендевска од парламентарната говорница покажуваше документација и бараше од обвинителот Шврговски, како што рече, да го истражи случајот на незаконско работење и криминал во Здружението на возачи во општина Кичево.
„Обвинувањата на вработените се однесуваат на секретарот на Здружението, лицето Милош Милошоски, татко на еден од актуелните министри во Владата“, рече Бендевска. Повикувајќи се на документацијата, таа соопшти дека таткото на Милошоски во 1996 година зел 200.000 денари отпремнина од Здружението и се обврзал дека Здружението нема веќе обврски кон него. Неколку години подоцна, како што кажа Бендевска, Милош Милошоски се вработил во „Телеком“, а потоа зема и оттаму отпремнина во висина на 20.000 евра. Според Бендевска, во 2007 година повторно се вратил во Здружението на возачите како секретар, а бил и претседател на Управниот одбор, иако имал завршено само средно образование. Бендевска потоа го образложи случајот.
„Цврсто верувам во капацитетот на институциите да водат неселективна борба против криминалот и корупцијата и затоа ви ги доставувам сите документи што до мене ги доставија вработените за да го истражите овој случај“, рече таа.
Шврговски не го разбра нејзиното прашање, не му беше јасно дали своевремено е отфрлена кривичната пријава или не е.
Таа го праша дали постои центрифуга за перење пари во државните институции, укажувајќи притоа, исто така, на изградбата на мост на реката Вардар во Сарај. Бендевска рече дека во завршната сметка за 2008 година, изгласана од владејачкото мнозинство, на страна 7, во делот за капитални расходи на кои се потрошиле 20 милијарди денари од областа на транспортот, е наведено дека завршила изградбата на мостот, додека весникот „Дневник“ на 5 август објавил текст во кој пишува оти „ниту ова лето нема да се гради мостот кај Сарај“.
Јавниот обвинител најави дека на Бендевска писмено ќе и' биде одговорено. (О.В.) |