ЛИЧНОСТ НА ДЕНОТ

Радмила Шекеринска
Магистерката по меѓународни односи Радмила Шекеринска сигурно не посакуваше својот 36. роденден за неколку дена да го дочека со оставка на претседателската функција во СДСМ. Во лидерската мисија во која влезе со многу ентузијазам издржа само 18 месеци. Шефицата на опозицијата, која јавноста ја доживува како модерен европски политичар, уште веднаш по објавувањето на првите резултати, навести дека ќе ја преземе одговорноста за изборниот пораз.
Шекеринска седна во претседателската фотелја на СДСМ на вонреден конгрес, на кој го победи Владо Бучковски. Тогаш беа свежи раните од поразот на изборите во 2006 година, а членството поделено. И што е особено важно, како и Бучковски, кој беше две години на функцијата, таа не успеа да се ослободи од сенката на Бранко Црвенковски.
Шекеринска, која својата политичка кариера ја започна во Социјалдемократската младина на Македонија во 1992, најави дека нема да го погази дадениот збор и ќе го зачува чистиот образ. Целосно ќе го испочитува принципот за кој таа се залагаше во 2006: лидерот да понесе одговорност по изборен пораз. Тоа е моралната димензија на нејзиниот потег. Колку овој чин во овој момент е политички мудар и дали СДСМ ќе застане на здрави нозе или уште повеќе ќе потоне е прилично дискутабилно. (О.В.) |