Пензионерите, сепак, извисија за покачувањето
Место регуларните пет отсто, пензионерите ќе добијат покачување од едвај два отсто
Јасмина Јовановска
Пензионерите, сепак, извисија за редовното покачување на пензиите. Место регуларните околу пет отсто, со јулските пензии што треба да се исплатат по празникот пензионерите ќе добијат покачување од едвај два отсто. Редовното покачување пензионерите нема да го добијат, зашто усогласувањето на пензиите, наместо по редовната законска формула - 50 отсто од порастот на животните трошоци и 50 отсто од порастот на платите во јавниот сектор, ќе се врши според нова формула. Животните трошоци ќе учествуваат со 50 отсто, додека кај платите процентот од 50 отсто ќе се намали на 20. Оваа нова формула која Владата интервентно ја донесе е привремена и ќе трае до крајот на годинава, а измените се направени само поради преголемите финансиски импликации од воведувањето на бруто-платата.
Во Министерството за труд и социјална политика потврдија дека е донесена привремена формула за пресметување на пензиите. Пензиите, наместо за 50 отсто, според порастот на платите, ќе се усогласат само за 20 отсто, рече министерот за труд и социјална политика, Џелал Бајрами. На вакво усогласување на пензиите ресорното Министерство се одлучило затоа што покачувањето на платите не е реално за да се земе како реален параметар за покачување на пензиите. Со бруто-платите, вработените не добија покачување, туку само вметнување на хранарината и превозот во платата. Новата формула ќе важи до крајот на годината, додаде Бајрами, кој рече дека е добро што во услови на економска криза, сепак, има покачување на пензиите.
Во Сојузот на пензионерите не се многу изненадени од ваквиот процент на усогласување, зашто на скратувањето биле предупредени уште пред два месеца. Тогаш им било објаснето дека зголемувањето на просечната плата од 16.000 денари на 19.000 денари е нереално.
Но, пензионерите само се чудат како дошло до тоа од 50 отсто, процентот за усогласување од платите да се намали на 20 отсто.
Од Министерството за труд и социјална политика велат дека било пресметано реалното покачување на платите, кое во периодот од јануари до јуни не е поголемо од четири отсто, и затоа покачувањето на пензиите нема да биде поголемо од два отсто. Ова е и единствениот параметар за пораст на пензиите, зашто од Заводот за статистика добиените податоци не покажале пораст на животните трошоци за првите шест месеци од годината.
Пензионерите трипати добија покачување, со што вкупниот пораст на пензиите изнесува околу 21 отсто во 2008 година во споредба со 2007 година. Со овие покачувања, просечната пензија од 7.840 се искачи на 9.541 денар. И покрај ова, околу 30 отсто од пензионерите, кои ги има околу 270.000 во земјава, живеат со пензија под просекот, па дури и со пензии помали од 5.000 денари. |