МВР

Приведен Љубе Бошкоски (дополнето)

06.06.2011, 15:22

Лидерот на Обединети за Македонија Љубе Бошкоски денеска околу 14:30 часот е приведен пред скопскиот ресторан Воденица под сомнение за сторено кривично дело нелегално финансирање на изборната кампања и за злоупотреба на службената положба и овластување како одговорно лице во неговата партија.

За време на приведувањето Бошкоски не давал отпор, по што е однесен во полициската станица Гази Баба.

При извршениот претрес, информира портпаролот на МВР Иво Котевски, кај Бошкоски биле пронајдени 100 илјади евра, пари кои му биле предадени во хартиени кеси и за кои постојат сомненија дека требало да му послужат за исплаќање на долговите од кампањата, односно за незаконско финансирање на кампањата.

- Врз основа на судска наредба изминатиот период неколку месеци се применети посебни истражни мерки токму поради сомнение дека ја злоупотребува службената положба и незаконски ја финансира кампањата. Освен овој случај МВР досега има документирано уште два други случајаво кои осомничениот на ист незаконски начин зел пари 20 и 10 илјади евра кои беа употребени во кампањата, изјави Котевски додавајќи дека Бошкоски во трите случаи парите ги примал од исто лице. Во интерес на истрагата, како што рече, нема да се открие лицето од кого се земени парите.

Според Котевски, станува збор за две тешки кривични дека за кои законот предвидува минимална казна затвор од три односно пет години.

- Покрај парите при извршениот претрес во неговото возило „ланчиа“ пронајден е и еден пиштол и дозвола која најверојатно не е за тој пиштол така што ќе се постапи и во однос на евентуално кривично дело недозволено псоедување и тргување со оружје. Ќе бидат извршени и дополнителни претреси и ќе биде информирана Управата за јавни приходи за дополнителни проверки во однос на целокупното финансирање на неговата политичка кампања, најави протпаролот на МВР.

По завршување на службениот разговор во полициската станица Гази Баба и целосно документирање на кривичните дела, против Бошкоски ќе биде поднесена соодветна кривична пријава и тој ќе биде изведен пред истражен судија



#