Зошто бегаат странските пари

Експертите велат дека инвеститорите не гледаат профит во земјава поради веќе очигледната продолжена рецесија

Нина Нинеска-Фиданоска


Од лошо полошо и' оди на Македонија со странските инвестиции. Не само што странските компании не го вложуваат својот капитал во земјава туку и оние што инвестирале кај нас веќе почнаа да ги повлекуваат своите пари и да ги изнесуваат надвор од нашите граници. Најновите бројки за странските директни инвестиции што ги презентираше во петокот Народна банка на Македонија се поразителни. Тие многу јасно покажуваат дека во февруари од земјава се одлеале дури 22,7 милиони евра странски инвестиции. Станува збор за пренесени пари, кои инвеститорите им ги дале по основа на кредити на своите фирми-мајки.

Тоа драматично го урна и онака лошиот инвестициски скор на Македонија. Па така, ако во првиот месец од 2010 година во државава влегле инвестиции од 37,1 милиони евра, фактот што во февруари биле изнесени 22,7 милиони евра го сведе инвестициското салдо на очајни 14,4 милиони евра за период од два месеца.

Ова јасно покажува дека Македонија не само што не е инвестициски рај како што сакаа да ја претстават нашите власти туку многу помалку од тоа, таа е буквално заборавена и целосно заобиколена дестинација од странските компании што ги шират своите бизниси во други држави. Дури и тие компании што имаат свои фирми кај нас, во овој период преферираат своите пари да ги преселуваат надвор од државава.

Со вакви показатели, некој сериозно ќе мора да одговори со каква цел беа потрошени милионски суми пари на промотори и на скапи рекламни кампањи, само со цел странците да се убедат да го донесат својот капитал во земјава. Антикорупциската комисија веќе
го отвори случајот за првиот човек на Агенцијата за странски инвестиции, Виктор Мизо, откако државните ревизори укажаа на милионски суми потрошени пари за промотори и реклами, кои не донеле видливи ефекти. Последната официјална информација од антикорупционерите е дека тие засега се' уште го разгледуваат работењето на Виктор Мизо.

Аналитичарите коментираат дека одливот на инвестициите се должи на тоа што е јасно оти во Македонија ќе продолжи рецесијата. Во Владата, пак, објаснуваат дека такви движења биле разбирливи во година на економско заздравување, каква што е оваа, но дека ќе следувале крупни инвестиции во наредниот период.

Зошто странските инвестиции се повлекуваат од Македонија, според експертите, има најмалку два одговора. Никола Поповски, поранешен министер за финансии, вели дека првата причина е фактот што веќе станува очигледно дека излезот на Македонија од рецесијата ќе биде пролонгиран. „Инвеститорите се загрижени од продолжената рецесија во земјава. Тие овде не гледаат профит, не гледаат изгледи за оплодување на својот капитал, па затоа одлучуваат да го носат во други држави“, објаснува Поповски. Друга работа, пак, но не и помалку битна, е таа што странските инвеститори кои се веќе присутни во земјава, а чиишто држави сега се во лоша состојба, ги кредитираат своите матични компании во сопствените држави, и на тој начин се одлеваат инвестициите од земјава. „Тука, пред се', би ја споменал Грција и компаниите од таа држава. Но, не е исклучено на овој начин да се одлева капитал и во Германија, Унгарија, па и Австрија, како држави кои имаат позначајни инвестиции во Македонија“, вели поранешниот министер за финансии.

„Утрински весник“ вчера побара коментар и од Владата, зошто, и покрај нејзиниот оптимизам, странските инвестиции не само што не доаѓаат туку и се повлекуваат од Македонија. „Ова е година на економско заздравување и разбирливи се и одредени такви движења во првите месеци. Сепак, треба да се направи подлабинска анализа за да се видат точните причини, значи за кои компании станува збор, од каде доаѓаат, какви биле движењата на пазарите каде што тие ги пласираат своите ��роизводи и слично. Значајно е дека веќе има најави за крупни инвестиции, особено во градежништвото, за што слушаме во последниве денови. Тоа се сигнали дека довербата кај инвеститорите постепено се зголемува. Значаен е и фактот што ЕБОР за Македонија предвидува највисок раст од сите земји во регионот за 2010 година, а се знае дека во пресметката за растот една од клучните компоненти се инвестициите“, изјави вчера за „Утрински весник“ владиниот портпарол, Мартин Мартиноски.

Инаку, токму во функција Македонија подобро да се претстави пред потенцијалните инвеститори, беше и серијалот промотивни емисии, што се емитуваа минатата недела, од понеделникот до петокот, на телевизиската мрежа Си-Ен-Ен, со кои земјава му се презентираше на светот како поволна бизнис и туристичка дестинација.

Во целата очајна состојба со странските инвестиции, малку надеж дава фактот што утре ќе биде потпишан договор со италијанската компанија ТЕКНОХОЗЕ, за закуп на земјиште во слободната зона Бунарџик . (Н.Н.Ф.)


#