Нимиц го подготвува предлогот

Шацимаркакис ги најави грчките предлози за јазикот како иден предлог на Нимиц

Миркица Поповиќ

Медијаторот Метју Нимиц во вторникот и во средата ненадејно ги повикал македонскиот и грчкиот преговарач, Зоран Јолевски и Адамантиос Василакис, на средба во Њујорк. По поединечните средби со Јолевски и со Василакис, Нимиц се сретнал и со генералниот секретар на ОН, Бан Ки Мун. Од средбите на Нимиц нема конкретен пишан документ, односно според неофицијалните информации, тој не дошол со нов предлог, туку ќе се случи тоа во текот на мај. Како што информираат од кабинетот на Бан Ки Мун, генералниот секретар сакал да се информира како стојат работите околу спорот, а средбите со преговарачите биле редовна размена на информации.

Иако двете страни велат дека не се случува ништо, дипломатски извор за грчкиот весник „Етнос“ тврди дека медијаторот Нимиц сериозно размислува повторно да го предложи името „Република Северна Македонија“ како крајно предлог-решение.

„Мора да се најде заеднички прифатливо решение и договор, решение што очигледно, бара да се направи компромис за да биде прифатливо и за двете страни. За разлика од ЕУ, која ги повика Скопје и Атина да најдат решение за спорот до јуни, Обединетите нации немаат временска рамка, конкретен краен рок за решавање на спорот, туку бара работа од двете држави и други заинтересирани страни за да осигури дека има договор со кој ќе може да се работи и им одговара на инволвираните држави“, изјави на вчерашниот брифинг портпаролот на генералниот секретар на ОН, Мартин Назирски.

Вчера грчкото министерство за надворешни работи излезе со своја реакција за средбата, коментирајќи дека е прерано да се разговара за предлогот Северна Македонија. Портпаролот на грчкото МНР, Григорис Делавекурас, потврди дека медијаторот Метју Нимиц ги повикал двајцата преговарачи за да ја испита моменталната ситуација, меѓутоа дека реакциите од македонска страна покажуваат дека моментно е прерано да се дискутира за предлогот на Нимиц. „Среќата на државата, европската и НАТО иднина е во рацете на премиерот Никола Груевски. Тој може да биде лидерот што ќе ги отвори вратите кон ЕУ и кон НАТО или да стане лидерот што ја затворил вратата за евроатлантските интеграции и го тргнал својот народ надвор од европското семејство“, додаде портпаролот на грчкото МНР. Тој истакна дека предлогот „Република Северна Македонија“ ги исполнува барањата на Грција. Ставот на грчкото МНР е дека е можно брзо да се најде решение на проблемот со името, се' додека постои соодветна политичка волја за тоа.

На новинарско прашање за името, јазикот и идентитетот, тој повтори дека тема на преговорите е само името на државата, а дека изјавите и ставовите за рефендум се само начин да се одолжи процесот. Грчкото МНР уште еднаш ја критикуваше македонската Влада за претставувањето на Грција во негативно светло пред народот, но и за обид за злоупотреба на позицијата на претседавач со Советот на Европа, со цел да ги промовира своите ставови.

Додека од грчкото МНР одбиваат да разговараат за јазикот и идентитет, инсистирајќи дека преговорите се само за името, германскиот пратеник и претседател на заедничкиот парламентарен комитет Македонија - ЕУ, Јоргос Шацимаркакис излезе со бомбастична изјава за Дојче веле дека новиот предлог на ОН за јазикот и идентитетот ќе биде „македонски“ напишано на латиница -makedonski. Шацимаркакис за оваа информација се повика на извори од Њујорк и смета дека терминот „македонски“ напишан на латиница ќе биде прифатлив за македонскиот народ, бидејќи им е разбирлив и е термин со кој израснале.

„Целосно ја разбирам чувствутелноста на прашањето за идентитетот, нацијата и јазикот. Мислам дека ние Европејците треба да ја разбереме оваа чувствителност и да помогнеме секаде каде што можеме. Треба да имаме јасна декларација за името на нацијата и јазикот, тие да бидат ’македонски‘, што е прифатливо за мене, а и за сите е прифатливо, вклучително и за јужниот сосед“, истакна Шацимаркакис. Според него, тоа е најдоброто решение што може да се вметне во меѓународното право преку резолуција на Советот за безбедност на ОН и дека очекува тоа да биде прифатено од луѓето. Шацимаркакис ги повика македонските власти да го прифатат ова решение затоа што идната грчка влада би можела да понуди многу полоша варијанта за јазикот и за идентитетот на Македонија.


#