09.01.2012, 18:02

Немало Драган од Охрид, туку бил Алонсо де Охеда

Бугарскиот професор Драгомир Драганов ги исмева тврдењата дека некој Драган од Охрид бил дел од експедицијата на Кристофер Колумбо

Професорот по историја Драгомир Драганов од софискиот Универзитет „Климент Охридски“ во интервју за новинската агенција Фокус тврди дека човекот што го нарекуваат „Драган од Охрид“ и кој, наводно, со Кристифор Колумбо ја открил Америка е фикција. Драганов тврди дека се работи за чистокрвен Шпанец, кој се викал Алонсо де Охеда. Што вели Драганов во интервјуто за бугарската агенција Фокус. Некои од неговите изјави околу националноста се несоодветни, но, сепак, ги пренесуваме како што се кажани.



Професоре Драганов, пред неколку години се справувавте со проблемот „Алонсо де Охеда“ - „Драган од Охрид“; што мислите за шпекулациите во македонските медиуми кои велат дека Македонец ја открил Америка?

Тоа не бил Македонец. Алонсо де Охеда бил чистокрвен Шпанец. Тој имал наследен имот близу Толедо, во селото Охеда. Се' друго околу ова прашање е чиста измислица – прво од Бугарија, која го нарече Јан Димитров; и потоа не знам што измислиле точно Македонците за него, но факт е дека тој бил чистокрвен Шпанец.



Има ли нешто интересно околу името?

Она што е интересно е што во шпанскиот јазик Алонсо е лично име, додека „де Охеда“ значи „од Охеда“. И тука нашите луѓе измислија дека тој не бил Алонсо, туку Драган, бидејќи на француски Алонсо значи „далечен“, „оддалеку“, или „од друга земја“ или што било, додека „де Охеда“ беше „од Охрид“. Тоа е смешно. Во 1981 година се крена врева околу 1.300-годишнината од основањето на Бугарија и јас, заедно со еден мој колега, спроведовме многу темелна истрага во сите шпански архиви. Тогаш работев во Мадрид. Секако, ќе бев среќен да дознам дека Америка, всушност, била откриена од Бугарин од Македонија (бидејќи тогаш Македонија не постоела, како што знаете таа постои од 1991 година). Но, ништо такво не беше докажано.



Зар не бевте во искушение да бидете заведен од овие тврдења?

Јас сум професионален историчар. Работам со документи. Да си дозволи некој да биде во искушение од фактот дека лицето за кое станува збор ги пцуел своите морнари на некој непознат јазик и дека бил Бугарин е смешно. И тврдењето дека тој им се заканувал на своите морнари ако тие не се однесувале како што треба, тие би играле оро, исто така, е смешно, бидејќи оро доаѓа од латинскиот збор „коро“.

Да го оставиме настрана преводот дека „Алонсо де Охеда“ е „оддалечен од Охрид“, бидејќи на шпански „х“ исчезнува или се појавува – ова е апсолутна бесмислица. Алонсо де Охеда бил чистокрвен Шпанец, авантурист, морнар; не го негирам фактот дека неговиот брод бил првиот што стигнал до брегот на Америка, но ова не значи дека тој бил Бугарин од Македонија. За жал. Ова се факти.

Кога мојот колега Венцислав Николов и јас го објавивме ова во 1984 година, авторот на тезата Иван Димитров поведе тужба против мене како шпион на Шпанија. По 1989 година кога дојде до промена на системот, тој ме тужеше наведувајќи дека сум бил агент на Тодор Живков (шеф на Бугарската комунистичка партија од 1954 до 1989 година), кој не сакаше да ги уништи односите со Шпанија и, според тоа, ми наредил да ја демантирам неговата теза... Сето ова се игри на нечиј изопачен ум што не' претворија во цел на потсмев за целиот свет. И сега, ако Македонците навистина одлучија да се фатат на оваа теза, тие ќе бидат вторите на кои ќе им се смеат.



Како го објаснувате фактот дека оваа теза постои толку долго и покрај тоа што историографијата ја негираше?

Најчесто, во Бугарија, и не само во Бугарија, таквите сензации имаат свое минато, сегашност и иднина, ова е нормално. Со мојот колега Венцислав Николов научно ја негиравме оваа теза и докаж��вме дека е целосно неоснована. Дури и го посетивме имотот на Алонсо де Охеда. Во Бугарија феноменот со општиот подем на патриотско чувство што владееше во 1981 година, што се однесува, пак, до Македонија, го образложив тоа со нивните комплекси. Почнувајќи со Александар Велики, цар Самуил и завршувајќи со „Ах Месечина, Месечина – земја на Македонија...“



Со оглед дека сте историчар, дали ќе може да ни кажете за други примери на бесмртни тези?

Кога мојот колега Николов и јас отидовме до првиот библиотекар на Шпанскиот висок совет за научни истражувања, што е еквивалент на Бугарската академија на науките, тој ни го кажа следново: „Ве молам, почекајте тука, бидејќи кај мене се двајца Полјаци кои тврдат дека Кристофер Колумбо бил Полјак; ве молам, почекајте додека не завршам со нив и потоа ќе ви кажам за Алонсо де Охеда или за Драган од Охрид“. Друг пример за кој сите сме слушнале е оној дека Наполеон бил роднина на Раковски – т.е. бил Бугарин, бидејќи Наполеон, всушност, значи „на поле он“.