01.07.2012, 15:45 Прав и пепел крај Стара железничка станица
За трговски центар се збриша дел од белегот на Скопје
Само неколку денови беа потребни деценискиот симбол на Скопје и светската солидарност да станат минато. Старата железничка станица се претвори во прав и пепел. Делови од препознатливиот белег на Скопје останаа да сведочат дека таму некогаш се наоѓаше центарот на железницата во Македонија. Пероните и вагоните веќе речиси и да ги нема. Багерите и градежните машини на Општина Центар немилосрдно ги збришаа само за неколку дена. Чистката (не)оправдано се прави за потребите на турската компанија „Лимак“, која неодамна го купи реонот околу Старата железничка станица да гради трговски центар, а ќе има обврска да изгради и објект со намена за култура.
Ниту реакциите на дел на јавноста, стручната и „обичната“ не помогнаа препознатливата околина на Старата железничка станица и во иднина да го задржи својот лик. Неуспешни беа неколкуте иницијативи на граѓани Општината да ја преиспита својата замисла просторот да се комерцијализира. Така, наскоро таму ќе почне да се издигнува комерцијалниот објект, кој ќе го градат Турците од „Лимак“.
Од Општина Центар вчера беа недостапни да кажат дали инвеститорите веќе побарале градежна дозвола за објектот. Единствено, неодамна потврдија дека имаат обврска да го подготват теренот за градба.
А каде ќе завршат отстранетите делови од пероните и вагоните, никој не знае.
Од Општината, но, и од Музејот на град Скопје пред нецел месец тврдеа дека тие нема да се уништат, туку ќе се постават на друга локација. Која, тврдеа дека не знаат. „Ќе се дислоцираат, но каде, се' уште не знаеме“, рекоа општинарите.
Од Музејот, пак, рекоа дека тие немаат допирна точка со тој дел од Железничката станица. Потенцираа дека во нивна ингеренција е само движното културно наследство внатре во објектот на Музејот. „Ние како институција воопшто и не располагаме со документ дека вагонот и пероните имаат споменично својство, дека се културно наследство или, пак, дека се водат како заштитени споменици“, изјави пред еден месец Љубица Кондијанова, директор на градскиот Музеј. (Дс.Т.) |