Бензинот скап - а сите возат

Во „Лукоил“ велат дека од почетокот на годинава досега не се забележани значајни турбуленции во прометот со бензините

Маја Томиќ

Светската цена на нафтата продолжува да расте и да соборува рекорди.

Од почетокот на годинава, па досега, таа е повисока за дури 25 проценти. Американската лесна нафта на Њујоршката берза завчеравечер достигна рекордни 126,40 долари за барел, што е повеќе од двојно во споредба со истиот период лани, кога барел нафта чинеше 62 долара, и за повеќе од 30 долари од почетокот на март, кога барел се продаваше за цена од 92,4 долари. Цената на лондонската брент нафта, пак, достигна 124,84 долари за барел, што е највисока цена во историјата. Според светските агенции, растот на цената е последица на политичките тензии на Блискиот Исток и проблемите со снабдувањето во Нигерија, односно двојно намалената дистрибуција на нафтата од оваа земја, најголем извозник на црното злато од Африка. Светските аналитичари сметаат дека врз растот на цената на нафтата во изминатиот период влијаела и зголемената потрошувачка во Кина и во Индија, како и падот на вредноста на американскиот долар.

Како последица на ситуацијата со нафтата на светските берзи, и во Македонија во изминатите месеци има постојан раст на цените на бензините, затоа што земјата е целосно зависна од увоз на нафта. Со последното, завчерашно зголемување, согласно со одлуката на Регулаторната комисија за енергетика, дизелот поскапе за 3,5 денари, а бензините за 1,5 денари. Рафинериските и малопродажните цени на дериватите во наредните 15 дена во просек ќе се поголеми за 4,66, односно за 4,09 отсто во споредба со почетокот на мај. Така, МБ- 96 достигна највисока продажна цена од 74,50 денари за литар, ЕУРОСУПЕРОТ-95 чини 71,50 денари за литар, ЕУРОСУПЕР-98 - 72,50 денари, а цената на ЕУРОДИЗЕЛОТ (Д-Е 4) се зголеми на 70,50 денари за литар. Пред една година, поточно на крајот на мај 2007 година, МБ-96 се продаваше за 70 денари, а дизелот чинеше 51,50 денари за литар. Што значи дека за една година дизелот поскапел најмногу, или за цели 20 денари.

Фактот дека домашните цени на дериватите мора да ги следат светските ценовни трендови беше главното оправдание на секоја македонска влада за непреземање мерки за амортизирање на ценовниот удар, и врз домашните компании и врз граѓаните. Иако компаниите најдиректно ги чувствуваат последиците од растот на цената на бензините, особено на мазутот, со што расте цената на транспортните услуги и на крајните производи. Од македонските фирми досега немало официјална реакција до Владата за растот на цената на бензините.

Според портпаролот на Владата Ивица Боцевски, се следи состојбата на глобално ниво, како и препораките од меѓународните организации што се однесуваат на движењето на цените на енергенсите, оттаму и на нафтата. „Доколку се оцени дека има потреба од некаква интервенција, ќе се преземат мерки“, изјави Боцевски за „Утрински“ и додаде дека од македонските компании засега нема поплаки во врска со цените на дериватите. Сепак, евентуална владина мерка во скоро време и не е можна поради распуштениот парламент, предвремените избори и техничкото функционирање на Владата.

Онаму каде што државата би можела да интервенира за ублажување на ценовниот шок е намалувањето на ДДВ-то кај дериватите, кое изнесува 18 проценти, како и на акцизите. Според некои процени на експерти и на стопанственици, ако се намали ДДВ-то, цената на бензините може да биде пониска и за 11 денари од литар. Опозициската СДСМ пред крајот на минатата година достави до Владата конкретен предлог за намалување на ДДВ-то од 18 на 5 проценти, а од Владата рекоа дека предлогот ќе биде разгледан, но не се случи тоа до денеска.

Во Регулаторната комисија за енергетика, каде што се одредуваат цените на дериварите, велат дека треба да се има предвид оти секоја интервенција на државата може да доведе до нарушување на ��уџетската маса, бидејќи приходот од акцизите и од ДДВ-то од нафтените деривати се проектираат на годишно ниво и тие средства имаат стриктна намена. Така што секое нивно намалување може да повлече оштетувања во буџетската маса.

Дали поради растот на цените на бензините во земјава има намалена потрошувачка? Во „Лукоил“ велат дека по завршувањето на секој месец се прави анализа на потрошувачката од претходниот, но дека од почетокот на годинава досега не се забележани значајни промени, односно турбуленции во прометот со бензините. Дополнуваат дека е забележливо мало воздржување од страна на граѓаните за точење гориво во првите неколку дена по зголемувањето на цената, но дека потоа има вообичаената фреквенција на бензинските пумпи. Од компанијата потсетуваат дека цените на бензините зависат од светските трендови и дека врз нив не може да се влијае.

Државата годишно во просек увезува по 800.000 тони сурова нафта, која се преработува во ОКТА. Сите давачки, вклучувајќи го ДДВ и акцизите, ја зголемуваат крајната, продажна цена на дериватите за повеќе од 100 отсто. На пример, ако рафинериската цена на МБ-96 е 26 денари за литар, заедно со трошоците за превоз, за маржа, за акциза и за ДДВ, се добива крајна малопродажна цена од 68,5 денари за литар.